Родители и Деца

Лошите навики кои ги имате Вие, може да делуваат негативно на Вашите деца

Децата најмногу учат од Вас и Вашето однесување – како да се чувствуваат во врска со своето тело, со својот изглед, ги осознаваат и прифаќаат, или не,  своите способности. Најмоќниот начин да делувате позитивно и да моделирате здрав начин на однесување на Вашето дете не е со казни или награди. Треба да бидете добар пример за своето дете, со што ќе му помогнете да се чувствува среќно и ќе научи да донесува здрави одлуки. Треба да направите промени кај себе? И тоа е во ред, и може да ги направите заедно, со помош на децата.

Лоша навика бр. 1: Себе-критикување

Незадоволството од Вашиот изглед и постојаните негативни коментари за себе, му испраќаат порака на детето дека за самодовербата е потребно да се носат добри фармерки или да се има тело во совршена форма. Тоа ќе влијае на сликата која детето ќе почне да ја гледа во огледалото, ќе му се намалува самодовербата и ќе расте незадоволството од сопствениот изглед.

Престанете со критикувањето! Наместо тоа, разговарајте за тоа колку добро се чувствувате кога вежбате, кога јадете здрава храна, или кога убаво ќе се наспиете. Тие лекции детето треба да ги запомни.

Лоша навика бр. 2: Јадење на психичка база

Ако јадете во ситуации кога не се чувствувате добро, кога сте тажни, разочарани, она што му покажувате на детето е дека храната е начин за да се чувствува подобро, што е исто така нездрава порака која ја прима детскиот мозок.

Наместо тоа, изнајдете нови начини за поправање на расположението, на пример, нека Ве гледа дека разговарате со пријателите, или одите на прошетка, за да се чувствувате подобро.

Лоша навика бр. 3: Премногу време поминато на телефон и компјутер

Не е фер да им забранувате на децата да ги користат мобилните телефони за време на семејниот ручек, ако и Вие самите сте со мобилниот во рака. Она што го правите на дело, испраќа посилна порака, за разлика од она што го говорите. Поставете правила во семејството, до кои ќе се придржуваат сите членови подеднакво, и возрасните и децата. Искористете го времето за да разговарате, или отидете на семејна прошетка, или возете велосипеди заедно.

Лоша навика бр. 4: Потенцирање на материјалните и површните вредности

Девојчињата најчесто сакаат да си играат игри со пресоблекување во убави облеки. Но, ова не е квалитетно поминато време. Искористете го времето за забава со девојчињата учејќи ги на некое здраво хоби – одете во прошетка или учете ја на некој спорт.

Така девојчињата ќе научат дека треба да бидат силни и моќни, и дека вежбањето може да помогне во ослободување од стресот. Не пропуштајте да и кажете убав збор и за тоа колку е умна, мила, љубезна, покрај тоа што е убава.

Лоша навика бр. 5: Пиење алкохол за смирување или за поправање на расположението

Ако сте имале лош ден на работа, и посегнувате по алкохол велејќи дека Ви треба пијалок, она што му го покажувате на детето е дека алкохолот помага за релаксирање и го поправа расположението. Истото се однесува за консумирањето на кафе во преголеми количини, или енергетски пијалоци.

Наместо ова, најдете здрави начини за справување со стресот или за зголемување на енергијата. Пробајте со вежбање, медитација, или најдете некои хоби за релаксација, при што можете да ги вклучите сите членови на семејството.

За начини за справување со стресот прочитајте повеќе на следниот линк: 10 начини да се ослободите од секојдневниот стрес

Лоша навика бр. 6: Натпреварување и споредба со други деца

Потенцирањето дека другите деца (соседи, соученици, браќа и сестри) се подобри од Вашето дете, во спорт, во трчање, или во било која друга активност, не делува баш мотивирачки на детето.

Наместо тоа, пофалете го детето за трудот што го вложува и дека прави најдобро што може и умее. Помогнете му да се фокусира на забавата при играта, најдете активност за која ќе покаже страст и интерес и во која ќе може да се развива и напредува. Зборувајте за тоа како треба да пешачите секој ден и како тоа Ви помага да се чувствувате подобро.

Лоша навика бр. 7: Постојаните кавги

Ако со сопружникот постојано се расправате, детето ќе сфати дека тоа е нормално однесување, па тој модел ќе го применува низ животот.

Стресот е најчесто причинител за кавгите. Во еден период, расправањето и кавгата може да помогнат да се чувствувате подобро, но, потоа станува сè полошо. Почнете да наоѓате начини како да се справите со секојдневниот стрес, за да не манифестирате агресија во домот.

Лоша навика бр. 8: Озборување

Критикувањето на другите луѓе, во однос на нивниот изглед или нивните постапки, се знак на ниска самодоверба. Престанете да озборувате, освен ако немате добра причина да кажете нешто. Веројатно озборувањето е само Ваша навика, па можете да се потрудите да ја искорените.

Избегнувајте ги телевизиските шоуа кои се бават со озборувачки теми. Покажете им на децата како да применат здрави начини за забава и релаксација. Возете велосипед или играјте некоја забавна и едукативна игра за нивна возраст.

Внимавајте на своето однесување и реакции

Ако се најдете во ситуација да се однесувате негативно во присуство на Вашите деца, не игнорирајте го тоа. Децата приметуваат сè. Извлечете поука од тоа и признајте дека сте погрешиле во однесувањето.

Инволвирајте ги децата и побарајте помош од нив, да Ви укажуваат секој пат кога ќе се најдете во ситуација на непримерно и негативно однесување. Тоа ќе биде интересно за нив, а Вие ќе внимавате сè повеќе на Вашите реакции. За постигнување на успех важно е членовите на семејството да си помагаат меѓусебно.

error: