Детско ЗдравјеРодители и Деца

АДХД кај деца, симптоми и третман

Синдромот АДХД (ADHD – Attention Defficit Hyperactivity Disorder) – синдром на намалено внимание и хиперактивност – се јавува и кај децата и кај возрасните. Најчесто се јавува како ментално нарушување кај децата, кои се хиперактивни, не можат да го задржат вниманието и не можат да ги контролираат своите импулси. Сите симптоми се одразуваат на животот на децата, и на училиште и во домот.

Почесто се јавува кај момчињата, а се открива кога детето почнува со училиште, каде се приметува неговата неможност да го задржи вниманието.

Кај возрасните со АДХД се манифестираат проблеми со организирање на времето, неможност да се постават цели, или пак да се задржи работно место. Исто така, можни се проблеми во задржување на интимни врски, самодовербата и посветеноста.

Кои се симптомите на АДХД кај децата?

  • Неможност да го задржи вниманието

Еден од главните симптоми на АДХД. Детето неможе да следи предавање, да следи насоки, да завршува задачи, или да памети каде ги остава своите работи. Често може да се повлекува во некој свој свет, да мечтае и да прави ситни грешки. Избегнува активности за кои треба повеќе концентрација, или пак здосадуваат брзо.

  • Хиперактивност

Уште еден значаен симптом на АДХД. Детето едноставно не може да седи мирно. Постојано трча, се качува, без разлика дали се наоѓа во затворен простор или надвор. Ако седи некаде, можете да приметите како се измачува, се каснува, или потскокнува. Многу зборува и тешко може да си игра тивко.

  • Импулсивност

Тешко дека дете со АДХД ќе може да го дочека својот ред.  Ќе ги прекинува другите, ќе се уфрлува преку ред, ќе дава одговори пред наставникот да ги заврши прашањата.

Што е причината за појавата на АДХД?

Кај децата со АДХД е забележана послаба активност во деловите од мозокот кои се одговорни за контолирањето на вниманието. Исто така, постои и дисбаланс во невротрансмитерите. Не е јасна причината за појава на АДХД, но, бидејќи често се јавува во семејствата, како наследна болест, се верува дека улога имаат и гените.

Како може да се дијагностицира АДХД?

Не постојат лабораториски испитувања со кои може да се докаже постоење на АДХД. Разговорот со матичниот педијатар ќе Ве води низ потребните прашања и одговори, од Ваша страна, од страна на детето, и од страна на наставниците. За да се постави дијагнозата за АДХД, потребно е да се следат симптомите во период од најмалку 6 месеци, во однос на вниманието, хиперактивноста и импулсивното однесување, а возраста на детето да не е повеќе од 12 години.

Треба јасно да се разграничи однесувањето на децата, кое можеби е последица на други причини, како на пример, недоволен сон. (за последиците од недоволно спиење на децата прочитајте повеќе на Зошто на децата им треба добар сон )

Типови на АДХД синдром

Комбинираниот тип е најчест, кога детето ги манифестира трите главни симптоми – не задржува внимание, хиперактивно е и импулсивно. Кај предоминантно хиперактивно/импулсивен тип – детето е несигурно и импулсивно. Кај предоминантно инатентивниот тип – детето не може да се фокусира или да задржи внимание, но, најчесто не е многу активно и не го нарушува редот и мирот во училницата.

Каков третман е потребен за лекување на АДХД синдромот?

Лекови

Лековите ЦНС – стимуланси може да помогнат во подобрување на симптомите, како зголемување на вниманието, намалување на хиперактивноста и импулсивното реагирање. Овие лекови имаат ефект кај 65% – 80% од децата со АДХД. Но, има група на деца кај кои не делува оваа терапија, па спротивно, се даваат ЦНС – нестимулантни лекови, кои пак, од друга страна, може да дадат несакани ефекти.

Советување

Може да му помогне на детето да научи да се справува со фрустрациите и да ја гради својата самодоверба.  Со примена на некои стратегии, како на пример обука за социјални вештини, може да научи како трпеливо да го дочекува својот ред и како да споделува. Долготраен третман од комбинација на лекови и бихевиорална терапија, дава подобри резултати отколку само примената на лекови.

Специјално образование

Повеќето деца со АДХД одат во регуларни училишта, но, за некои од нив е подобро да посетуваат специјални училишта, прилагодени со програми за работа кои ќе му помогнат на детето да се справува со секојдневните задачи.

Рутина

Поставете јасни правила за секојдневно извршување на рутинските задачи во домот. Пишувајте дневен распоред што ќе го потсети што сè треба да направи во текот на денот, кога треба да стане, да јаде, да игра, да напише домашна работа, и кога да легне да спие. Ова ќе му помогне на детето да ги завршува зададените задачи.

Исхрана

Студиите за поврзаноста на храната со АДХД синдромот покажуваат различни резултати. Но, некои експерти тврдат дека храната која е добра за мозокот, може да помогне во подобрување на концентрацијата, како што е храната богата со протеини (јајца, риба, месо, грав, ореви). Пожелно е да се исфрлат простите шеќери, како бонбони, бел леб, а да се воведат сложени јаглехидрати, како круша, или леб од цели зрна житарки. Консултирајте се со Вашиот педијатар пред да се одлучите да направите некои поголеми промени во начинот на исхрана на Вашето дете.

Брза храна и разни грицкалици

Не постојат докази за поврзаноста на шеќерот, адитивите, со појавата на АДХД. Некои родители веруваат дека конзервансите, емулгаторите и боите кои се додаваат во храната, ги влошуваат симптомите. Секако, Американската Академија на Педијатрите вели дека е разумно да се избегнува брзата храна, разните грицкалици и вештачки сокови.

Телевизија

Нема јасна поврзаност помеѓу појавата на АДХД кај децата со гледањето телевизија. Но, како и да е, Американската Академија на Педијатрите препорачува да се ограничи времето за гледање телевизија. За деца помали од 2 години не е препорчливо воопшто гледање ТВ, а за поголеми деца, не повеќе од 2 часа на ден. За да се поттикне развивање на вештини кај децата, потребно е да играте игри, во кои детето ќе треба да го задржува вниманието, на пример, да редите коцки, сложувалки, или да читате книги.

Дали може да се спречи појавата на АДХД?

Не постои начин за да се обезбедите дека Вашето дете нема да се разболи од АДХД синдромот. Но, може да преземете неколку чекори уште додека сте бремени – избегнувајте алкохол, дрога, цигари. Постојат некои индикации дека мајките што пушеле во бременост, се соочуваат со два пати поголем ризик од појава на АДХД кај детето.

Какви се прогнозите за иднината на Вашето дете со АДХД синдром?

Со правилен третман, состојбата кај голем број на деца со АДХД се подобрува. Дури и ако симптомите на АДХД продолжат и во текот на растењето на детето, постои терапија соодветна за третман на АДХД кај возрасни.

error: