ЖивотМентално Здравје

Кога Ви се чини дека сè Ви оди удолу во животот….

Веројатно не постои човек кој не се нашол во непријатни ситуации, соочувајќи се со некакви проблеми во животот. Кога мислиме дека сè оди удолу, кога чувствата на безнадежност, очај, страв, неизвесност, се вовлекуваат како црв во нас.  Но, и секогаш постојат нешта за кои треба да бидеме благодарни. И без разлика колку ситуацијата ни сè чини добра или лоша, секој ден треба да се будиме заблагодаруваќи се за нашиот живот, затоа што некаде таму, некој се бори очајно за својот.

Среќата не е непостоење на проблеми, туку способност за нивно решавање. Замислете колку убави нешта всушност Ви се случуваат секојдневно, ако не сте фокусирани и оптеретени со проблемите. Секогаш гледајте на она што го имате, а не на она што сте го изгубиле. Не гледајте на тоа што животот Ви земал, туку што ќе преземете со она што Ви останало.

Болката е дел од растењето и созревањето

Понекогаш животот затвора една врата, затоа што е време да одите напред. И тоа е позитивно, затоа што често не сакаме да се придвижиме, сè додека не нè натераат околностите. Во тешките времиња, сетете се дека болката не доаѓа без причина. Оставете ја зад себе, но никогаш не заборавајте на што таа Ве научила. Само затоа што мора да се борите, не значи дека сте неуспешни. За секој успех е потребно да се борите, на било кој начин. Бидете трпеливи и позитивни. На крајот сè ќе биде во ред, можеби не веднаш, во истиот момент, но на крајот сепак ќе биде.

И запаметете, има два вида на болка – болка која може да Ве повреди и болка која може да Ве промени. Ако сте свесни за тоа, и двата типа на болка ќе Ви помогнат да пораснете, да созреете. Препуштете му се на животот, наместо да давате отпор. 

Ништо не е вечно

Кога врне дожд, после некое време ќе престане. Кога ќе се повредите, почнува процесот на зараснување на раната. После темнината, секогаш доаѓа светлина. Понекогаш забораваме, и мислиме дека темнината ќе трае засекогаш. Но не. Ништо не трае вечно.

Ако се добри времиња за Вас, уживајте во нив. Ако се лоши времиња, немојте претерано да се загрижувате, тие нема да траат вечно. Само затоа што моментално животот е тежок, не значи дека не треба да се смеете. Само затоа што моментално нешто Ве мачи, не значи дека не смеете да се насмеете. Секој момент Ви дава нов почеток и нов крај. Секоја секунда Ви се пружа нова шанса. Вие мора да ја препознаете и да ја искористите.

Престанете да се жалите

Оние кои најмногу кукаат, се жалат, најмалку и ќе направат. Секогаш е подобра опција да пробате да направите голем чекор и да доживеете неуспех, отколку ништо да не преземате. Не е ништо завршено ако сте изгубени, туку кога ништо не можете да направите, туку само да се жалите. Ако верувате во нешто, обидувајте се повторно и повторно. Не дозволувајте сенките на минатото да паѓаат врз патеката на иднината. Ако денот го поминете во сожалување што вчера не сте направиле, ни утре нема да Ви биде подобро. Наместо тоа, преземете нешто. Извлечете поука од она што Ви се случило и направете си го подобар животот.

И без разлика што и да се случи, запаметете дека вистинската среќа доаѓа само тогаш кога ќе престанете да се жалите на проблемите и ќе бидете благодарни што немате други.

Лузните се симболи на Вашата сила

Никогаш немојте да се срамите од лузните кои Ви ги оставил животот. Лузната значи дека болката завршила, а раната зараснала. Тоа значи дека сте победиле во битката, сте ја научиле лекцијата, сте станале посилни и сте продолжиле понатаму. Лузната е тетоважа на победата на која треба да бидете горди. Не дозволувајте да станете заложник на своите лузни. Не дозволувајте поради нив да живеете во страв. Не можете да занемарите дека имате последици од борбите во животот. Гледајте на лузните како знак на сила, а не на болка.

Како што вели Руми: “Раната е место преку кое во Вас влегува Светлината”. 

Секоја мала борба е чекор напред

Во животот, трпение не значи чекање, туку, тоа е способност да имате позитивен став додека работите на остварување на своите соништа, со убедување дека вреди секој чекор. А кога веќе ќе решите да се обидете, одете до крај. Инаку нема смисол да се обидувате. Секоја совладана препрека на патот до крајната цел, Ве прави уште посилни.

Негативните луѓе – игнорирајте ги

Кога сте опкружени со негативни луѓе, Вие трудете се да останете позитивни. Кога другите луѓе се однесуваат лошо кон Вас, Вие и понатаму останете верни на себе. Не дозволувајте туѓата огорченост да влијае на Вас. Не сфаќајте ги лично работите, дури и кога се чинат дека се такви. Луѓето не реагираат поради Вас, туку поради самите себе.

Најважно од сè, запаметете – никогаш немојте да се трудите да се промените само за да импресионирате некого кој вели дека не сте доволно добри. Променете се заради себе, да станете подобар човек, а тоа да Ве води кон подобра иднина. Попаметно е да се грижите за себе, отколку за тоа што мислат другите луѓе за Вас. Ако силно верувате во нешто, не плашете се да се борите за тоа. Големата сила доаѓа од способноста да го совладате она што другите луѓе мислат дека е невозможно.

Тоа што треба да се случи – ќе се случи кога ќе дојде време

Вистинската сила доаѓа во моментите кога Ви е најтешко. Мора да се смеете и да го цените животот. Во секоја борба има добри нешта, но, морате да го отворите умот и срцето за да ги видите. Работите не се случуваат со сила. Може да полудите од обидите. Па, во еден момент морате да застанете и да оставите работите да се случуваат.

На крајот на краиштата, да се сака животот значи да и се верува на интуицијата, да се ризикува, да се губи, да се наоѓа среќа, да се ценат чувствата и да се учи низ искуствата. Мора да престанете да се грижите и да се сомневате на секој чекор. Бидете свесни во секој момент и уживајте во животот. Можеби нема да завршите таму каде сте сакале, но, со тек на време, во вистинскиот момент, ќе стигнете и до таму.

Секогаш одете напред

Никогаш не се плашете да се обидувате, повторно да сакате, повторно да живеете или повторно да сонувате. Не дозволувајте тешката лекција да Ви го ‘скамени’ срцето. Најдобрите животни лекции се учат во најтешките времиња и со правење на најголемите грешки. Ќе има периоди кога ќе Ви се чини дека сè ‘отишло по ѓаволите’ и дека од ова,  не може да биде потешко. И нема излез од ситуацијата. Но, никогаш не е така. Кога сакате да се откажете, сетете се дека лошите работи што се случуваат сега , ќе Ве однесат кон подобро утре.

Најдете сила за да се натерате себеси да се смеете секој ден. Најдете сила за да се чувствувате  прекрасно. Најдете начин да ги натерате и другите околу Вас да се смеат. Немојте да се мачите со работите кои не може да ги промените. Живејте едноставно, сакајте великодушно, зборувајте искрено. Работете посветено. И никогаш, ама никогаш, не се откажувајте!

 

 

М.Д.

error: