Живот

Дали сте свесни дека го трошите времето бескорисно? Бидете продуктивни и организирани и секогаш ќе ги постигнувате своите цели

Времето е бесценето. Дали сте свесни дали го трошите бесполезно? Екстра часовите што ги поминувате на работа можете да ги искористите да поминете време за себе, во фитнес сала, или да поминете некое време со децата…

Бидете организирани и свесни за своите желби, обврски и цели, и ќе можете успешно да ги реализирате. Обидете се со практикување на следните препораки:

Зацртајте ги своите цели

Големата слика, за целите кои ги имате во однос на работата и приватниот живот. На пример, скаате да постигнете добар баланс помеѓу работата и животот, да бидете физички активни, да бидете повеќе инволвирани во животот на децата. Кога еднаш ќе знаете кои се вашите главни цели, потоа може лесно да се поделат на помали задачи и да се фокусирате на нив, како да ги реализирате.

Забележувајте колку време Ви е потребно

Почнете на неделно ниво да запишувате колку време трошите на секојдневните обврски, на пример, колку време Ви е потребно да направите појадок, да ги наместите креветите, итн..Ако знаете по колку време Ви е потребно за извршување на задолженијата, ќе можете подобро да се организирате.

Направете листа на приоритети

Поделете ги во 4 групи:

  • Ургентни и важни
  • Неургентни, но важни
  • Ургентни, но неважни
  • Не се ниту ургентни, ниту важни.

Целта е да имате што помалку работи во првата група, затоа што тие предизвикуваат најголем стрес. Ако успеете да се организирате околу нив, тогаш повеќе задачи ќе преминат во групата ‘ неургентни, но важни’, при што поуспешно ќе можете да ги завршувате и да не бидете под стрес.

Направете распоред за активностите во текот на денот

Откако ќе сфатите колку време Ви треба за извршување на обврските и што е најважно, почнете да ги планирате работите. Бидете флексибилни и менувајте го распоредот според вашите желби и потреби. Можете повеќе сте активни наутро, или навечер? Сакате навечер да се релаксирате? Сакате да работите во вашата градина? Секогаш размислувајте што сè сакате да направите во текот на денот.

Завршете ги прво потешките работи

Ако имате потешка работа, завршувајте ја прво неа наутро, за да не мислите во текот на денот. Како што рекол Марк Твен: “Ако треба да изедете жаба, најдобро е тоа прво да го направите наутро. Ако треба да изедете две жаби, изедете ја прво поголемата.”

Запишете

“To-Do” листа е докажано функционална. Но, можете да се обидете и со други алатки, на пример, да ги запишете само главните работи во својот календар на телефонот, и да ги следите во текот на денот.

Не мамете

Ако во планерот Ви е запишано дека треба да почнете во 09 часот наутро, започнете на време. Секоја минута пролонгирање, ќе ги одложи и другите активности, па на крајот од денот може да бидете исфрустрирани затоа што не сте успеале сè да завршите. Ако навистина распоредот не функционира, тогаш слободно променете го.

Не трошете го времето бесполезно

Имате 15-минутна пауза и Вие ја поминувате на телефон, на интернет, на социјални мрежи? Не, тоа е навистина губење време. 4 пати во денот да поминете по 15 минути на социјална мрежа, тоа е 1 час за некоја продуктивна работа да се заврши.

Искористете го интернетот за да прочитате нешто повеќе за организирање на времето, да најдете апликација која ќе Ви помогне во планирањето, итн..

Поставете си временско ограничување

Ограничете го времето за извршување на некоја активност, и нека биде и малку повеќе од реално потребното, но, трудете се да излезете од таа рамка.

Пауза за ручек

Секогаш, ама баш секогаш, искористете ја паузата за ручек надвор од работното место. Половина час пауза, ќе Ве направи поефикасни за извршување на работните задачи. Ако не Ви се јаде, прошетајте за тоа време.

Мејлови – ‘црна дупка’ на трошење на времето

Електронската пошта знае да биде навистина стресна. Обидете се со следните чекори:

Избриши: Ако не е од Ваш интерес мејлот, веднаш ослободете се од него (DELETE)

Направи веднаш: Ако е нешто итно и нешто што може веднаш да се направи, одговорете веднаш.

Проследи понатаму: Ако во мелјот се бара нешто кое некој друг подобро ќе го сработи од Вас, препратете го.

Одложи: Ако треба да одговорите на мејлот, а Ви е потребно повеќе време, одложете го на страна за подоцна да одговорите.

 

error: