Здравје

Телото предупредува – Не ги игнорирајте овие знаци

телото предупредува

Организмот има свои одбранбени механизми и сигнализира кога нешто не е во ред. Но, дали сме свесни за предупредувањата кои телото ни ги испраќа?

Можеби Ви е потребен ден за одмор?

Дали има денови кога не Ви се оди на работа? Можете ли да си дозволите да земете слободен ден и да го искористите за да се одморите, или да правите нешто што сакате? Ако можете, направете го тоа.

Дали стареете?

Појавата на некои типови на болка се дел од нормалниот процес на стареење – можеби не сте веќе толку флексибилни или силни како што сте биле. ‘Рскавицата помеѓу зглобовите, коските, ‘рбетниот столб, почнува да се редуцира, можеби тоа ги отежнува Вашите движења, па добро е да правите соодветни вежби препорачани од лекар.

Срцето работи со различен ритам

Можеби се чувствувате благо зашеметени или имате вртоглавица, пропратено со забрзан, или забавен пулс. Ако трае повеќе од неколку кратки минути, или се случува често, причината може да е некоја болест или пореметување на срцевиот ритам. Силна градна болка или потешкотии во движењето или говорот може да бидат знак за мозочен удар – појдете веднаш во болница.

Ако при полесна активност се заморувате брзо и пулсот се менува, разговарајте со лекарот.

‘Burn out’ синдром

Ако сте под постојан стрес, сигурно ќе дојдете до burn out синдром – помалку енергија, главоболки, вознемирен стомак, и мали ситници може многу да Ве вознемират. Кога ќе ги приметите овие симптоми, веднаш преземете активности за менаџирање на стресот – вежбање, позитивни врски со пријатели, медитација, повеќе смеење, и колку што е можно повеќе правете паузи од сè она што Ви предизвикува стрес.

Промени во расположението

Секој од нас има периоди кога се чувствува анксиозно или тажно. Но, ако станува збор за дијагноза анксиозност или депресија, тие ќе влијаат на целокупниот живот, како физички, така и емоционално. Ако ги имате симптомите: често плачете, се изолирате, избегнувате да правите работи во кои претходно сте уживале, имате напнатост во мускулите, тешко се концентрирате, спиете или јадете помалку или повеќе од вообичаено – побарајте стручна помош.

Промени во апетитот

Ако јадете значително повеќе, или помалку од вообичаено, можеби вашето тело Ви кажува дека нешто не е во ред. Можеби сте под стрес и јадете од емоционална причина. Или можеби имате депресија. Или едноставно стареете, а тој процес има влијание и на апетитот. Бидете повеќе активни и хранете се здраво.

Повреда или само болка?

Ако многу сте вежбале, може ќе почувствувате болка во мускулите. Но, ако таа трае повеќе денови – можеби имате некоја повреда. Почекајте пред да почнете повторно со вежбање, а кога ќе почнете, не се форсирајте, туку одете постепено.

Кога претерувате со вежбање, вашето тело може да Ве предупреди и послушајте го. Можеби имате скршена коска, искинат мускул или лигамент. Преземете ги следните активности:

  • Легнете и ослободете се од тежината на местото,
  • Ставете ладна облога со мраз, околу 20 минути,
  • Направете компресија на местото, бандажирајте го со еластичен завој,
  • Подигнете ја повредената рака или нога.
  • Потоа појдете на лекар.

Имате проблем со спиење?

Се будите навечер? На телото му треба повеќе сон. Обидете се со едноставни нешта, легнувајте секоја вечер во исто време, будете се во исто време, спијте по 7 часа навечер. Спијте во темна, ладна просторија, и не гледајте ТВ или во мобилниот телефон пред спиење. Бидете активни преку ден, избегнувајте обилни оброци и премногу кофеин во вечерните часови.

Болка која не поминува

Ако имате болка која се повторува, не ја покривајте цело време со аналгетици. Направете испитувања за да се утврди причината за болката.

Појава на грутка

Ако сте жена и приметите грутка кај градите, или ако сте маж и приметите грутка на пределот на тестисите, веднаш појдете на лекарски преглед. Не мора да значи дека станува збор за карцином, но добро е да се провери и да се третира на време.

Невообичаени реакции

Можеби мислите дека станувате алергични на полен, или сте интолерантни на лактоза или глутен, приметувате кожни реакции – чеша и е сува. Појдете на лекар, за да се утврдат можните причини за таквите промени.

Верувајте си

Знаете како се чувствувате кога имате добар ден, кога сте уморни, кога сте болни, кога е нешто посериозно во прашање. Инстинктите некогаш можат да Ве одведат на време на лекар, послушајте ги и појдете.

Информирајте го лекарот за симптомите, кога започнале, што влијае да тие се подобрат, или да се влошат, и на какви начини сте се обидувале да си олесните. Наведете ги сите лекови кои ги пиете, вклучително и ОТЦ лекови, суплементи и било која друга терапија.

Запишете си кои прашања сакате да му ги поставите на лекарот.

На следниот линк повеќе прочитајте: Смачено Ви е да се чувствувате постојано болни и уморни?! Проверете кои може да се причините!

 

М.Д.

error: