Ментално Здравје

Како оптимизмот влијае лошо врз Вашето ментално здравје?

Иако оптимизмот е клучен елемент во емоционалната состојба, заслепувачкиот оптимизам може да е опасен за вашето здравје, велат последните истражувања. Овој текст нема цел да ја отфрли или потцени Вашата цел да бидете среќни во животот, туку да го разграничи здравото позитивно размислување од нереалното. Накратко, да укаже на тоа дека претераниот оптимизам делува спротивно, односно е пречка за успехот, а реалното размислување и вложениот труд се оние нешта кои водат кон него.

Сите претходни истражувања кои докажуваа дека позитивните очекувања се клучни за постигнување на целта, луѓето побрзо наоѓале партнер, заздравувале од операции, и на секое поле имале подобар исход од оние со негативно размислување, сега се побиени. Новите истражувања покреваат прашањата за тоа колку ова позитивно размислување може да ги чини луѓето а и целото општество долгорочно.

Парадоксот на позитивното размислување

Многумина се запознаени со „Моќта на позитивното мислење” или пак „Тајната“ од Норман Винсент Пил. Тематиката која ја опфаќаат овие, а и сите негови дела, е позитивното размислување и позитивниот пристап кон животот и кон буквално сè што се случува околу нас. Овие збирки на методи за променување на животот со моќта на оптимизмот можат да имаат неверојатно парадоксален ефект врз читателите. Парадоксот е токму во тоа што луѓето се склони да се фокусираат на крајниот резултат и скоро да го доживеат, во овој контекст успехот, без да размислат на предизвиците и пречките низ кои би требале да поминат за да стигнат до целта која си ја поставиле. Тие се вплеткуваат во лагите кои си ги кажуваат на себеси и потоа сè тоа како бумеранг се враќа во негативен ефект. Според психолозите, чувството како веќе да сте ја постигнале целта води кон намалување на мотивацијата кога ќе се сретнете со некој предизвик на патот кон истата.

Уште поголем проблем е кога позитивното размислување ќе го замени дејствувањето и доведува до таканаречените празни фантазии. Луѓето кои премногу фантазираат за иднината имаат тенденција да вложат помалку напор.  Најновите истражувања покажуваат дека колку луѓето повеќе фантазираат за светлата иднина, толку повеќе имаат депресивни епизоди седум месеци подоцна.

Разликата помеѓу лажен и рационален оптимизам

Главната разлика е во тоа што, рационалниот оптимист нема да продолжи да зборува за тоа колку работите се прекрасни и дека сè на крајот мора да заврши добро, кога ќе се соочи со вистински лош и несреќен настан. Напротив, оние кои веруваат дека треба да и се смеете во очите на трагедијата, завршуваат со уште поголеми проблеми поради игнорирањето и одбивањето да се соочат со нив пред да прераснат во големи.

Важно е секој од нас да разбере дека во некои ситуации и околности, промена кон подобро не може да има, и прифаќањето на ситуацијата таква каква што е, а не оптимизмот, е тоа што ќе ги спречи бескрајните фрустрации и депресија.

Промена на перспективата

Користете го позитивното размислување како поттик за дејствување, почетна точка кон целта, а не како замена за дејствувањата. Психолозите советуваат да го промените начинот на размислување и да ја сфатите разликата помеѓу лажење на себеси и здраво позитивно размислување.

Поентата е да ги креираме нашите размислувања на начин на кој би си помогнале себеси долгорочно, а не само да се утешиме моментално. Пример (1)„нема потреба од грижи, сè ќе биде добро“ и (2)„работите не изгледаат како што треба, но ако се обидам, веројатно би можело да се среди“ ја прикажуваат различната перспектива од која гледаат претерано позитивните (1) и реалните(2) луѓе.

Ефектот на претераниот оптимизам врз луѓето околу Вас

Луѓето кои ‘спијат’ на тоа дека сè ќе биде добро не само што не можат да ги увидат и разликуваат вистинските проблеми во животот туку и ги спречуваат луѓето околу нив да се опуштат и да искажат тага, гнев, страв или пак осаменост. Тешко е, ако не и невозможно, да ги покажеш вистинските чувства покрај некој што постојано ги форсира неговите претерано позитивни  мисли врз сите околу него.

За крај, не заборавајте да мислите позитивно и дејствувате почесто за да се чувствувате подобро!

 

 

К.М.

error: