Ментално Здравје

Како да се справите кога ќе примите непријатна вест

Секој во животот се соочува со непријатни, лоши вести, а некои од нив може да Ви го превртат животот наопаку. Можеби станува збор за лоша вест на работа, можеби сте ја изгубиле работата, сте се разделиле со партнерот, бракот Ви се растурил, се соочувате со болест или смрт на блиска личност… Никој не е имун на лошите вести. Во таквите моменти сигурно се прашувате: “Како да го преживеам ова? Како да продолжам со животот понатаму? Како да се справам со оваа ситуација?“…

Доживувате емотивен колапс, паниката и стравот Ви го блокираат рационалното размислување, а Вие МОРАТЕ да продолжите напред, да го живеете животот, исполнувајќи ги секојдневните обврски. Како да го направите тоа?

Прифатете ја негативната емоција

Прво што мора да направите е да ја прифатите негативната емоција. Избегнувањето на истата, всушност, може да доведе до поголем стрес. Пристапот кон емоциите е есенцијален за нашата благосостојба. Оние кои ги прифаќаат негативните емоции и не се трудат да ги променат, многу полесно се справуваат со стресот.

Ова е дури и научно докажано. Правени се студии за истражување на веродостојноста на овие тврдења. На Универзитетот Калифорнија, Беркли, правени се три паралелни студии. Оние испитаници кои ги прифаќале негативните емоции, дефинитивно довело до нивно полесно справување со стресот и подобрување на психофизичката состојба.

Повторувана експозиција на непријатната вест

Она што повеќето луѓе го прават, е избегнување на соочување со лошата вест, блокирање на сè што е поврзано со лошата вест. Но, и тоа  е стрес и постојана борба против желбата да се размислува на непријатната ситуација. А тоа пак, доведува до психофизички болки, болка во стомакот, рамењата, градите, дигестивни проблеми, летаргија, неволност да се извршуваат секојдневните задачи.

Но, ќе се изненадите колку мозокот е спремен да се справува со негативните вести.

Во истражување спроведено на Универзитетот Тел Авив во Израел, откриено е дека повторуваната експозиција на негативната случка може да ги неутрализира ефектите на мислите и расположението. На пример, ако читате вест за некоја трагедија пред да одите на работа, подобро е да ја прочитате веста неколку пати и целосно, отколку да го прочитате насловот и потоа да се обидувате да не мислите на тоа во текот на денот. Со повторуваната изложеност на непријатната вест, ќе можете послободно да продолжите со денот, без да има влијание на расположението.

Во друга студија на Универзитетот Аризона во Туксон, исто така е дојдено до таков заклучок – повторуваната изложеност на настанот, ќе го забрза емоционалното зацелување.

Реорганизирајте ги Вашите мисли

Начинот на кој што ги перцепирате работите и размислувате за непријатните ситуации, може да се промени, па да ги видите работите од друг агол и во ново светло.

Сте ја изгубиле работата? Не размислувајте трагично за настанот. Замислете дека е тоа нова прилика за Вас. Да побарате друг тип на работа, во која ќе се пронајдете себеси, нов предизвик, можеби да почнете сопствен бизнис? Нешто што секогаш сте го посакувале?

Ве оставил партнерот? Обидете се да се сетите јасно на позитивните и негативните искуства од минатото. На крајот, сигурно ќе дојдете до заклучок дека е добро тоа што се случило, затоа што повеќе не сте биле еден за друг, а Вие ќе имате прилика да се посветите на себе и она што точно го сакате.

Не е сè така црно. Во секое лошо има нешто добро. Само треба да гледате на нештата од позитивен агол.

Научете како да ги надминете неволјите

Не сите реагираат исто на неуспех. Сте паднале на испит, не сте ја добиле работата која ја посакувавте…? Некои, на првиот неуспех се откажуваат, додека други, добиваат уште поголема сила и волја за да се докажат во следната прилика.

Верувајте, и ова се учи. Иако кај некои е вродена карактерна црта, кај оние што не е , треба упорно да работат на своите мисли, однесување и дејствување.

Можете да се обидете со водење на дневник каде ќе ги запишувате Вашите емоционални доживувања. Тоа може да Ви помогне да ја зголемите самодовербата, да ја намалите анксиозноста и емоционалниот стрес.

Бидете внимателни кон себе

Без разлика со колкав стрес се соочувате и непријатна ситуација, мора да се грижите за себе и да размислувате на своето ментално и физичко здравје.

Имајте редовни и здрави оброци

Обидете се да имате три редовни оброци, со застапено овошје и зеленчук. Нездравата храна придонесува за лошо расположение.

Медитација за размислување

Колку и да не сте тип што сака да медитира, обидете се да одвоите време за себе, кога ќе можете да ги стабилизирате мислите, да се соочите само со сегашноста, без да се оптоварувате и визуелизирате идни случувања.

Одете на масажи

Според една студија, објавена во Journal of Clinical Nursing, 8-неделната масажа, после смрт на блиска личност, придонела во процесот на утеха и полесно справување со болката од загубата.

Кога се соочувате со непријатна вест, колку и да е тешко, многу е важно да останете смирени, фокусирајте се на сегашниот момент, и дишете длабоко.

 

И да, сите знаеме дека е многу лесно да се каже сето ова теоретски, а да се примени во пракса е речиси невозможно. Но, не е така. Мора да се потрудите длабоко во себе, да најдете сила и да се изборите со сите проблеми. Тоа е живот. Секојдневна борба. Паѓате и станувате. И не е на празно она што од секогаш се зборува: Никогаш не знаеме колку можеме да поднесеме –  сè додека не нè снајде неволјата!

 

На следниот линк повеќе за: Како настануваат психосоматските нарушувања и која е нивната духовна моќ

 

 

М.Д.

error: