Ментално Здравје

Како да препознаете дали некој има психичко нарушување?

Психички нарушувања

Психички нарушувања се група на ментални здравствени состојби кои го менуваат чувството за реалност. Ако некој има вакво нарушување, можеби гледа или слуша работи кои не постојат, или верува во нешта кои не се вистински.

Не постојат научни објаснувања за причините кои доведуваат до овие ментални нарушувања, но теориите се дека можни причинители се: инфекција на мозокот од некои вируси, екстремен стрес или траума, злоупотреба на наркотични средства. Веројатноста е поголема доколку во семејството има член кој боледува од некое психичко нарушување.

Шизофренија

Лицето со шизофренија има халуцинации, слуша гласови или гледа нешта кои не се реални, а веројатно и има заблуди, верува во работи кои не се вистински. John Nash, математичар – добитник на Нобеловата награда, според кој е снимен филмот A Beatiful Mind имал шизофренија.

Шизоафективно нарушување

При ова нарушување, се мешаат симптомите на шизофренија со симптомите на нарушување на расположението – манија или депресија. Депресивниот тип е често тажен и се чувствува безвредно. Биполарниот тип, има периоди на манија – кога е екстремно среќен. Brian Wilson, основачот на Beach Boys, имал шизоафективно нарушување.

Шизофрениформно нарушување

Ги има истите симптоми како шизофренијата, но тие се привремени.  Халуцинациите и заблудите траат од 1 до 6 месеци, но, со веројатност дека ќе се повторат. Обично се јавува кај тинејџери и млади лица. Ова нарушување има тенденција да премине во комплетна дијагноза на шизофренија.

Кратко психотично растројство

Ова обично се случува после претрпен стрес или траума од некој трагичен настан, како губење на блиска личност, преживеана сообраќајна незгода, или кај жените, може да се јави после породување. СЕ јавуваат халуцинации и заблуди. Обично симптомите се повлекуваат за еден месец. Но, кај некои лица, оваа состојба може да премине во шизофренија или шизоафективно нарушување.

Делузиско нарушување

При оваа состојба, лицето има лажно чувство за реалноста, на пример, може да мисли дека некој сака да го/ја убие, дека партнерот го/ја изневерува, или некоја славна личност е вљубена во него/неа. Овие стравови може да се одразат на целокупното функционирање, на пример ако мисли дека некој сака да го/ја повреди, ќе се плаши да излезе од домот.

Психотично растројство предизвикано од супстанции

При земање или одвикнување од некои дроги, може да настане вакво нарушување, при што симптомите се халуцинации и заблуди. Супстанциите кои го предизвикуваат ова се:

  • Алкохол
  • Амфетамини
  • Кокаин
  • ЛСД
  • Марихуана
  • ПЦП
  • Опиоиди
  • Седативи

Симптомите треба да се повлечат откако лицето ќе престане со употреба на наркотичните средства, но, ако повторно почне со злоупотреба, веројатно ќе се вратат.

Нарушување како резултат на медицинска состојба

Понекогаш, симптомите кои изгледаат како да се резултат на ментално нарушување, всушност се должат на некоја медицинска состојба, како на пример после повреда на главата, или некоја од следните болести:

  • Алцхајмерова болест или друг тип на деменција
  • Тумор на мозокот
  • ХИВ или СИДА
  • Хипогликемија
  • Лупус
  • Мултиплекс склероза
  • Мозочен удар
  • Сифилис
  • Паркинсонова болест

Предупредувачки знаци

Првите симптоми е тешко да се забележат. Но, ако ги приметите овие промени, веднаш побарајте стручна помош, без разлика дали за себе, или за вашата блиска личност:

  • Неможност да се сконцентрирате или јасно да размислувате;
  • Сомнителни сте во врска со луѓето кои Ве опкружуваат;
  • Гледате или слушате работи кои никој друг не може да ги види или слушне;
  • Се оддалечувате од блиските и повеќе време поминувате сами;
  • Имате нови, чудни верувања, и никој не може да Ве убеди дека не се вистински;
  • Престанувате да се бањате или да водите грижа за себе.

Лекување

Шансите за лекување се поголеми доколку се почне со терапија во раната фаза на болеста. При тоа, се применуваат психотерапии, антипсихотици и антидепресиви.

 

На следниот линк дознајте Како да препознаете ‘нарцисоидна’ личност?

М.Д.
error: