Ментално Здравје

Епилепсија – причини, симптоми, дијагноза и лекување

Епилептичен напад е заеднички именител на сите видови на епилептични напади. Тој има почеток, траење и крај. Постојат случувања кои му претходат и кои следат по епилептичниот напад. Може да се случуваат во одреден период од денот, од ноќта, за време на спиење, или при будност. Понекогаш нападите се поврзани со одредени специфични ситиуации. Постои широк спектар на напади, од благи напади, кои едвај се приметуваат, па дури и од самата личност која ги има, до сериозни, големи напади (grand mal), кои со години биле единствен препознатлив знак за епилепсија.

Постојат повеќе од 30 видови на епилептични напади.

Најчести се следните:

  • Тонично-клонични напади
  • Апсанс напади
  • Миоклонични напади
  • Прост делумен напад
  • Сложен делумен напад

Нападите може да бидат проследени со некои нарушувања. Може да се јават сами, или во комбинација со други напади. Многу често се случува да нападот почнува како еден тип, а потоа преминува во друг.

Сите наши мисли, чувства, постапки, се контролирани од мозочните клетки кои комуницираат меѓу себе преку постојани електрични импулси. Епилептичен напад настанува кога ненадејна навалица на електрична активност ќе го наруши овој тек. Комуникацијата меѓу клетките се нарушува и нашите мисли, чувства или движења истиот миг стануваат збунети и неконтролирани. Иако епилептичните напади може да бидат застрашувачки, во повеќето случаи тие престануваат сами од себе. Откако нападот ќе заврши, лицето пак воспоставува контрола над себе и знае каде се наоѓа. Најголемиот број на луѓе кои страдаат од епилепсија, успешно ги контролираат епилептичните напади со помош на лекови.

Што може да ја предизвика епилепсијата?

Иако не се прецизно дефинирани причинителите на епилепсија, утврдено е дека повеќе фактори може да доведат до појава на епилептични напади. Врз основа на тие причинители, епилепсијата може да биде:

Идиопатска – не е можно да се утврди причината за епилепсијата, освен генетската предиспозиција,  а се јавува на возраст од 5-20 години. Но, може да се јави и на било која возраст, без постоење на претходни невролошки проблеми. Состојби кои може да го поттикнат развојот на нападите:

  • Вродени аномалии и перинатални проблеми
  • Повреди на мозокот
  • Метаболни нарушувања
  • Компликации од дијабет
  • Електролитни нарушувања
  • Откажување на бубрезите, уремија
  • Недостаток во исхраната
  • Фенилкетонурија – ретко може да предизвика напади кај доенчиња
  • Внесување или труење со алкохол или дрога
  • Лекување од алкохол или дрога
  • Тумори и мозочни лезии, хематоми
  • Главните причини за повисока инциденца на епилепсија во земјите во развој е изложеноста на поголем ризик од акутни и хронични инфекции на мозокот, пред и постнатални акушерски копликации кои водат до оштетување на мозокот и неухранетост.

Симптоматска – причина за овој вид на епилепсија е хронично оштетување на органите или мозокот (конгенитални развојни нарушувања, инфекции, тумори, метаболни нарушувања, како на пример ниска гликемија, траума, долг и интензивен физички напор,недоволно кислород во мозокот, злоупотреба на алкохол или дрога)

Криптогена – епилепсија за која се верува дека е симптоматска, и дека е одговорен органски супстрат во позадина, но тоа не може да се докаже.

Симптоми

Некои од симптомите кои му претходат на епилептичниот напад се:

  • Чувство на искри, чуден мирис и вкус, бес или ненадејна голема жалост;
  • Гадење и повраќање;
  • Вкочанетост на рацете;
  • Немотивирано движење;
  • Разни необични сензации;
  • Погрешна перцепција на големината на предметите;
  • Чувство дека нешто е видено веќе, или дека не е видено воопшто;
  • Ненадејно забрзано отчукување на срцето;

Видови епилептични напади и поделба

Прости делумни напади

При овие напади се зафаќа одреден дел од мозокот.  Знаците кои ќе ги манифестира лицето ќе зависат од функциите кои се под контрола на тој дел од мозокот. Нападот може да доведе до неволност на некој дел од телото, вкочанување на рака или нога, чувство на непријатен мирис или вкус, чувство на ‘пеперутки’ во стомакот или гадење. Нападот трае кратко, околу 1 минута, по што лицето се враќа во нормала. Но, после овој напад, може да се случи општ напад, при што е зафатен целиот мозок.

Сложени делумни напади

При овие напади, исто така е зафатен одреден дел од мозокот, но, се менува свесноста на лицето. Лицето често може да изгледа збунето, зашеметено и да постапува чудно, на пример, да ги плетка алиштата, да прави движења како да џвака или да испушта необични звуци. Нападот трае од минута до две, но лицето може да биде збунето и дремливо од неколку минути до неколку часа после нападот.

Напади што предизвикуваат умствена отсутност (petit mal)

Општи напади кои го зафаќаат целиот мозок и најчесто се јавуваат кај деца. Лицето ја губи свесноста за она што се случува околу него, но ретко паѓа наземи. Едноставно се загледува некаде, може да ги преврти очите или очните капаци да треперат. Понекогаш може да биде тешко да се направи разлика помеѓу ваков напад и обична занесеност. Меѓутоа, нападите на умствена отсутност почнуваат ненадејно, траат неколку секунди, потоа ненадејно престануваат и лицето продолжува да го прави тоа што го правело пред нападот. Иако овие напади траат само неколку секунди, може да се случуваат повеќе пати во текот на денот, и секој ден, така што може да го нарушуваат учењето.

Миоклонични напади

Овие напади се неконтролирани грчеви на мускулите. Се случуваат непосредно по будењето или пред легнување, кога лицето е уморно. Како и при другите општи напади, лицето ја губи свеста, но кусо и едвај забележливо.

Нападите и епилепсијата понекогаш се именуваат лобусот, или делот на мозокот во кој настанува активноста на нападот: мал мозок, заден резен, темен резен, челен резен, слепоочен резен.

Тонично-клонични напади (grand mal)

Општи напади кои го зафаќаат целиот мозок. Овие напади се оние за кои луѓето знаат и ја поврзуваат епилепсијата. Некои лица може да доживеат ‘аура’, како некоја ситуација да ја виделе порано, необично чувство во стомакот, необичен вкус или мирис, непосредно пред нападот. И самата аура е прост делумен напад.  При овие напади, телото се вкочанува, лицето паѓа наземи (тонична фаза). Потоа рацете и нозете почнуваат да се движат со неконтролирани, силни, симетрични и ритмични движења (клонична фаза). На лицето може да му течат лиги, лицето да му помодри или поцрвени, или да изгуби контрола над мочниот меур и/или дебелото црево. Иако овој напад може да изгледа страшно за околината, но, малку е веројатно дека на лицето што го има нападот може да му наштети. Опасноста постои од ризикот од повраќање, може да си го гризне јазикот, да се удри во околните предмети при паѓањето или грчењето. Нападот обично престанува после неколку минути. Тогаш лицето е збунето и дремливо. Може да има главоболка и да сака да спие, па оваа дремливост може да потрае со часови.

Тонични напади

Се општи напади, при кои се вкочанува мускулатурата, при што лицето може да падне наземи. Овие напади може да се јават во серии во текот на спиењето, но ако се случат кога лицето е будно, може да настанат повреди на главата.

Статус епилептикус

Напад кој трае невообичаено долго, или серија на епилептични напади, кога лицето не се враќа при свест. Ова е сериозна состојба и потребно е итно лекување.

Други видови на епилептични напади

Постојат и други видови на епилептични напади, ретки, нетипични, па дури и не се признаваат како епилептични напади.

Како се дијагностицира епилепсија?

Ако за прв пат некој се соочува со епилептичен напад, потребно е советување со лекар. Вообичаени прашања на кои треба да се даде одговор се:

  • Кога сте го имале првиот напад?
  • Што правевте пред да го добиете нападот?
  • Опишете го нападот.
  • Дали имавте повеќе од еден напад? Колку?
  • Дали бевте збунети или уморни после нападот?

Невролошкиот преглед ќе покаже колку и како работи нервниот систем. Основните првични прегледи опфаќаат:

  • проверка на способноста за одење
  • рефлекси и координација
  • состојба на мускули
  • осетливост
  • спсобност за мислење

Понатаму, се прават следните дијагностички процедури:

ЕЕГ (електроенцефалографија) – се следат промените во електричната активност во мозокот

Крвни анализи – се бараат знаци за инфект или друг здравствен проблем кој би бил евентуален причинител на нападите.

ЦТ (компјутерска томографија)  при што може да се види дали има некој тумор во мозокот или инфекција, како предизвикувачи на епилептични напади.

МРИ (снимање со магнетна резонанца) – со помош на моќни магнетни и радио бранови се прават квалитетни слики на мозокот, при што може да се откријат евентуални тумори или инфекции.

За да воопшто се претпостави да се дијагностицира епилепсија, треба да има два или повеќе напади на растојание од најмалку 24 часа.

Лекување на епилепсија

Дали епилепсијата може да се излечи?

Постои голем процент на лица, особено деца, кои се ‘излекувале’ од епилепсија, а тоа подразбира дека нападите исчезнале, а терапијата е прекината по препорака на лекар.

Во просек, околу 80% од лицата со епилепсија, може да ја држат под контрола состојбата, со помош на антиепилептични лекови, хируршки, со помош на помагала и диетески режим на исхрана.

Антиепилептичните лекови е најдобро да се применуваат како монотерапија, а не во комбинација со други. Ако дадениот лек не делува, лекарот ќе го замени со друг. Кој лек ќе се примени, зависи од типот на епилепсијата и епилептичните напади.

Во оваа група на лекови спаѓаат следните генерики:

  • Carbamazepine
  • Clonazepam
  • Diazepam
  • Divalproex sodium
  • Gabapentin
  • Lorazepam
  • Phenytoin
  • Pregabalin
  • Topiramate
  • Valproic acid

Хируршки пристап може да се изведе доколку се работи за делумна епилепсија, кога е зафатен одреден дел од мозокот, или кога епилептичните напади се резултат на мозочен удар или тумор. При тоа, се отстранува мал дел од мозокот од каде потекнуваат епилептичните напади, или се прават резови за да се спречи ширењето на нападите.

Имплантирање на помагала, кои делуваат на принцип испраќање на регуларни импулси до мозокот, кои ги превенираат нападите. Едниот тип  – Вагус нервни стимулации (VNS) се имплантираат под кожата на градите, а другиот тип – Одговор на невростимулација (RNS) под скалпот на главата.

Кетогена диета – која помага да се превенираат нападите кај деца – исхрана богата со масти, а ниска застапеност на јаглехидрати. Може да има ефект и кај возрасни, но, треба да се прават уште истражувања. За да се примени овој начин на исхрана, мора да е во договор со лекарот, затоа што е строга и комплицирана диета.

 

error: