Ментално Здравје

Анксиозни нарушувања – што се тоа и како да си помогнете

анксиозност

Секој од нас понекогаш се чувствува анксиозен. Тоа  е нормална емоција. Сигурно сте почувствувале нервоза кога се соочувате со некој проблем на работа, или пред полагање на испит, или пред носење на некоја важна одлука.

Анксиозноста е чувство на општа возбуденост, неоправдан страв без некоја особена причина, преголем стрес и загриженост.

Анксиозните нарушувања опфаќаат група на ментални болести, а вознемиреноста која ја предизвикуваат може да доведе до пореметување на нормалниот тек на животот.

Оние кои патат од анксиозност, имаат  чувство на константна загриженоста и страв, кои делуваат оптеретувачки и парализирачки. Но, со примена на соодветен третман, повеќето од нив може да ги контролираат ваквите чувства и да го живеат животот нормално.

Типови на анксиозни нарушувања

Терминот анксиозни нарушувања опфаќа неколку различни состојби:

  • Панично растројство – чувство на екстремен страв и паника која се појавува ненадејно. За време на паничниот напад, се манифестира потење, болка во градите, палпитации (невообичаено јаки или неправилни отчукувања на срцето), понекогаш чувство на гушење или како да се доживува срцев удар.
  • Социјално анксиозно растројство – таканаречена социјална фобија, кога се манифестира чувство на преголема загриженост и преоптереност со размислувањето за секојдневните социјални ситуации, во кои може да бидете осудени, засрамени или исмеани.
  • Специфични фобии – чувствувате интензивен страв од специфичен објект или ситуација, како што е страв од висина или страв од летање. Вообичаено стравот оди подалеку од она што е реално во суштина, а тоа може да се одрази и на промена на реакцијата на нормални, вообичаени ситуации.
  • Генерализирани анксиозни нарушувања – појава на претерано, нереално чувство на загриженост и тензичност, предизвикана од мала дразба, или пак воопшто без никаква причина.

Симптоми на анксиозните нарушувања

Анксиозните нарушувања имаат некои генерални симптоми:

  • Паника, страв и вознемиреност
  • Пореметување на сонот (проблеми со спиењето)
  • Неспособност да се остане смирен и прибран
  • Ладни, испотени, вкочанети или растреперени раце или нозе
  • Недостаток на воздух
  • Срцеви палпитации
  • Сува уста
  • Гадење
  • Тензични мускули (вкочанетост на мускулите)
  • Вртоглавица

Кои се причините за појавата на анксиозност?

Истражувачите не знаат што точно доведува до појава на анксиозни пореметувања. Како и кај другите форми на ментални заболувања, веројатно е сплет на повеќе околности, промени во мозокот, влијанието на стресот од околината, па дури и во структурата на гените може да се бара причината. Нарушувањата се појавуваат во семејствата, и постои мислење дека се поврзани со делот од мозокот кој го контролира стравот и другите емоции.

Поставување дијагноза

Не постојат лабораториски испитувања со кои може да се дијагностицира анксиозно пореметување. При појава на симптомите, мора да се посети лекар, кој првично ќе ја испита здравствената состојба, следејќи ја медицинската историја на болести, како би се проверило присуство / отсуство на некоја друга болест која може да ги дава истите симптоми како анксиозноста.

Доколку не се пронајде медицински поткрепена причина за појава на симптомите, лекарот ќе Ве препрати на специјалистички преглед кај психијатар или психолог. Со поставување на соодветни прашања и тестирање, лекарот ќе постави дијагноза за евентуално анксиозно нарушување, земајќи во предвид колку долго и колку интензивно се појавуваат симптомите, и дали истите влијаат на извршување на нормалните активности во животот.

Терапија

Една, или комбинација од следните терапии може да помогне во подобрување на состојбата:

  • Лекови – повеќето антидепресиви помагаат во третманот на анксиозните пореметувања. Некои антиконвулзиви (лекови против епилепсија) и ниско дозажни антипсихотични лекови може да се вклучат во терапијата за постигнување на подобар ефект. Анксиолитиците се лекови кои помагаат кај поблаги форми на анксиозност, како на пример за третман на социјално или генерализирано анксиозно пореметување, како и кај панични напади.
  • Психотерапија – советување кое се однесува на емоционалниот одговор на менталната болест. Специјалистот за ментално здравје ќе Ве насочи како да ја разберете и како да се справите со анксиозната болест.
  • Когнитивна бихевиорална терапија – психотерапија која Ве учи како да ги препознаете и како да ги измените мислите и однесувањата кои доведуваат до голема анксиозност или паника.

Справување со симптомите

Следните совети може да Ви помогнат во контролирањето или ублажувањето на симптомите:

  • Престанете со консумирање на пијалоци кои содржат кофеин, како кафе, чај, кока кола, енергетски пијалоци, чоколада. Кофеинот е една од најзначајните супстанци кои делуваат на промена на расположението, и може да ги влоши симптомите на анксиозноста.
  • Јадете правилно, вежбајте, потрудете се да имате добар и доволен ноќен сон. Динамичните аеробни вежби, како трчање, возење велосипед, помагаат во ослободување на хемиски супстанци во мозокот, кои го намалуваат стресот и го подобруваат расположението.
  • Проблемите со спиењето и анксиозните пореметувања вообичаено се пропратени едни со други. Нека Ви биде приоритет добриот одмор. Практикувајте релаксација пред спиење. Ако имате континуирано проблеми со спиењето, побарајте помош од лекар.
  • Советувајте се со Вашиот лекар или фармацевт пред да земете било каков препарат, на билна база или некој од многуте лекови кои се во слободна продажба. Многу од нив содржат хемиски супстанции кои може да ги влошат симптомите на анксиозноста.

error: