Ментално Здравје

10 начини да се ослободите од секојдневниот стрес

Секојдневието на современиот човек е исполнето со динамика, џонглирање помеѓу обврските на работното место, домашните обврски, децата и нивните пост-училишни ангажмани, обврските кон пријателите и поширокото семејство, а сето тоа под континуиран напор и напон, доведува до исцрпување. Дали сте почуствувале како мислите Ви бегаат, концентрацијата Ви опаѓа, расте напнатоста, чувствувате внатрешен немир, паника? Сите овие симптоми имаат едно име – стрес. Кој е излезот од ваквата состојба? На време да се преземат мерки за менаџирање на стресот, инаку, сето тоа ќе се одрази на Вашето ментално и физичко здравје.

1.Вежбајте

Редовното вежбање е еден од најдобрите начини за да го релаксирате Вашето тело и ум. Уште една придобивка е подобрување на Вашето расположение. Физичката активност треба да се практикува редовно, за да ги почувствувате благодетите од истото.

Кое е оптимално потребно време за вежбање во текот на една седмица?

Добро: Најмалку 3 до 5 пати неделно, по 30 минути

Подобро: 2 часа и 30 минути вежбање со умерен интензитет, како на пример брзо одење.

Најдобро: 75 минути енергични вежби, како пливање, џогирање, или друга активност при која се забрзува работата на срцето.

Фокусирајте се на онаа физичка активност која ќе Ви одговара и нема да Ве оптеретува за почеток. Било која физичка активност е подобра од немањето на никаква активност.

2. Релаксирајте ги мускулите

Кога сте под стрес, чувствувате како мускулите Ви се напнати? Можете многу лесно и едноставно самите да делувате на олабавување на мускулатурата, со тоа што ќе правите вежби за истегнување, или ќе си дозволите малку мир во топла бања, потоа да потонете во добар сон, или да си дозволите себично уживање на релаксациона масажа.

3. Дишете длабоко

Контролирано длабоко вдишување и издишување може моментално да Ви го подобри расположението. Пробајте на следниот начин: седнете во удобна позиција, со дланките на колена, а нозете на тлото поставени (или ако сте во можност легнете). Затворете ги очите. Замислете си дека сте на некое место кое на Вас делува смирувачки (преубава песочна плажа, или поле со зелена трева и колоритни цвеќиња). Вдишувајте и издишувајте длабоко, полека, и ќе почувствувате како се смирува Вашето тело и ум, по само 5 – 10 минути од оваа вежба.

4. Хранете се здраво

Оброците треба да бидат разноврсни, богати со зеленчук, овошје, житарици, протеини, добро балансирана, и редовна исхрана, која не само што делува на подобрување на расположението, туку  се одразува на комплетната благосостојба на организмот.

5. Забавете

Современиот живот е толку многу динамичен, што мора да се натераме самите да успориме и да се олабавиме при извршување на секојдневните обврски. На пример, наместете го часовникот 5 до 10 минути нанапред, така ќе го избегнете стресот од евентуално доцнење на договорен состанок. Или, една поголема работна обврска, групирајте ја во неколку помали, така ќе го намалите стресот и паниката за исполнување на  рокот на извршување. На пример, ако имате 100 непрочитани мејлови, немојте да одговарате на сите по ред. Погледнете кои се приоритетни, и прво тие прочитајте ги и одговорете.

6. Направете пауза

Мора да се научите да си давате пауза сами на себе, или што би се рекло, кренете “рачна”. Тешко е да го замислите ова на почетокот, ако сте тип кој постојано си поставува цели, но, пробајте, и малку по малку, ќе забележите дека тоа и одговара на Вашата психофизичка благосостојба. Можеби тоа е слушање на Вашата омилена музика, или прошетка во природа, викенд  во природа, надвор од метежот на градот, медитација, јога, итн.

7.  Најдете слободно време за Вашето хоби

Мора да “создадете” време за нештата во кои уживате. Секојдневно, не мора да биде повеќе од 15-20 минути на ден, но, правете нешта кои прават да се чувствувате подобро. Откријте го кое е Вашето релаксирачко хоби: читање книга, гледање добар филм, редење сложувалки, играње карти, или некоја друга друштвена игра, можеби плетење, или пак творење на уметничка ракотворба.

8. Зборувајте за проблемите

Доколку нешто Ве мачи, зборувајте, споделете го својот проблем со Вашето семејство, со пријателите или  со психотерапевт.

Можете да зборувате и со себе (“self-talk”). Сите ние го правиме тоа, свесно или несвесно. Но, мора да бидеме свесни за разговорот што го водиме сами со себе, како не би довело до негативен исход. Слушајте се себеси што размислувате кога сте под стрес. Доколку добивате негативен одговор на Вашата мисла, сменете ја во позитивна. Слушајте се внимателно. На пример, немојте да велите “Јас неможам”. Наместо тоа, модифицирајте ја мислата и реченицата во “Јас можам“. или “Јас правам најдобро што можам“. Тоа треба да биде Вашето убедување и размислување.

9. Не барајте секогаш совршенство

Не бидете перфекционист. Прифатете дека не секогаш можете да ги направите нештата совршени, без разлика колку и да се трудите. Не секогаш и не се можете да контролирате во животот. Направете си услуга сами на себе и престанете да мислите дека сте можеле да направите толку многу и толку повеќе. И не заборавајте да се смеете. Сочувајте ја смислата за хумор, која во напнати ситуации може да Ве ослободи од стресот.

10. Елиминирајте ги тригер факторите

Осознајте  кои се најголемите причинители на стрес во Вашиот живот. Дали е тоа работата, домашните обврски, обврските околу ангажманите на децата? Ако успеете да ги идентификувате, следен чекор е да пристапите кон нивно елиминирање, ако е можно, или кон нивно редуцирање.

Доколку не можете да ги идентификувате главните причинители за Вашиот стрес, обидете се да водите дневник. Запишувајте белешки кога ќе се најдете во ситуација која ќе Ве наведе да се почувствувате анксиозно, и најдете начин како следниот пат да го намалите стресното влијание на истата случка, настан, доколку неможете целосно да ја избегнете.

error: