Здравје

Како загадувањето на воздухот влијае на работата на белите дробови?

Загадувањето на воздухот претставува висока концентрација на загадувачи, материи кои имаат потенцијал да предизвикаат шетени последици врз луѓето, животните и растенијата.  Најголеми ефекти загадувањето има врз белите дробови. Луѓето кои се изложени на високи концентрации на загадување, може да почувствуваат иритирање на дишните патишта, тешко дишење и кашлица. Лицата пак кои веќе имаат некоја болест на белите дробови, високите нивоа на загаденост, може да доведат до влошување на симптомите, како што е напад на астма.

Видови загадувачи на воздухот

Ефектот од загадувањето врз белите дробови зависи од видот и концентрацијата на загадувачи во воздухот. Најчести типови на загадувачи се:

  • ПМ честички: мали честички кои можат да ги иритираат белите дробови и да предизвикаат оштетување на дишните патишта.
  • Азот диоксид: гас што може да ги иритира дишните патишта и да предизвика компликации кај лица со астма или ХОББ.
  • Озон: гас што може да го намали капацитетот на белите дробови и да ги иритира дишните патишта.
  • Сулфур диоксид: гас што може да ја иритира слузницата на дишните патишта особено кај лицата со астма.  

Во однос на честичките, колку се помали, толку подлабоко може да навлезат во дишните патишта и да предизвикаат оштетување на белите дробови. PM2.5 се честички со дијаметар помал од 2.5μm, може да доведат до посериозни оштетувања на белите дробови.

Дали загадувањето на воздухот може да предизвика белодробни заболувања?

Според истражувањата, долгорочната изложеност на загаден воздух може да доведе до развој на некои состојби и болести на белите дробови. Постојат силни докази дека загадувањето може да биде причина за развој на рак на белите дробови но долгорочното изложување на загаден воздух може да доведе до развој на астма.

Исто така децата кои се изложени на загаден воздух подолг временски период, аерозагадувањето може да влијае врз равојот на нивните бели дробови.

Кој е најмногу изложен на ризик од загадување на воздухот?

Луѓето различно реагираат на загадениот воздух, некои повеќе други помалку. Загадувањето е особено штетно за лицата со белодробни заболувања, како што се астма или хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Постарите лица, децата и бебињата имаат поголем ризик да им се јават симптоми и други штетни ефекти како последица на дишење на загаден воздух.

Здравите лица кои работат или вежбаат на отворено исто така може да почувствуваат некои симптоми кога се изложени на умерено или високо ниво на загадување. Може да се јави тешко дишење, иритација или кашлица.

Како да се заштитите од загадениот воздух?

Во денови на високо загадување, најдоброто нешто што можете да направите е да ги избегнувате  деловите со највисока концентрација. Доколку концентрацијата на штетни ПМ честички е висока, задолжително треба да избегнувате престој на отворено. Дополнителни мерки на претпазливост во услови на високо аерозагадување се:

  • Да се избегнува вежбање на отворено. Вежбањето е корисно за секого, но во услови на вискоа концентрација на штетни честички во воздухот, треба да се користат затворени простории.
  • Да се избегнуваат главните жаришта на загадување, како што се главните патишта и прометните раскрсници.
  • Се препорачува на работа да се тргне малку порано пред да започне сообраќајниот метеж.
  • За лицата со астма се препорачува да носат инхалатор во секое време.
  • Лицата со белодоробни болести ако почуствуваат дека состојбата се влошува или ако се јави кашлица,  треба да побараат помош од лекар.
  • Секој кој ќе почувствува непријатност болки во очите, кашлица или воспалено грло по престојот надвор, треба да го ограничи движењето на отворено, барем кога загаденоста е највисока.

Би можело да ве интересира и: ИСТРАЖУВАЊЕ: Загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од појава на дијабетес

А.Е.

Следете нѐ на фејсбук ↓

error: