Интимно Здравје

Што треба да знаете за здравјето на Вашите гради

Како што и обрнувате внимание на Вашата кожа, така треба да им обрнувате внимание и на Вашите гради. Треба да знаете што е нормално, а што не, така што ќе можете да приметите промени, кои може да бидат знак за некаков проблем.

Кои промени се нормални, а кои не?

Понекогаш може да се загрижите дека Вашите гради не изгледаат во ред. Но, ако станува збор за следните работи, сите се нормални:

  • Двете гради не се секогаш исти по големина;
  • Едната града е поспуштена во однос на другата;
  • Имате влакненца околу брадавиците;
  • Градите Ве болат и се пречувствителни пред и за време на менструалниот циклус.

Но, ако приметите некоја од следните промени, консултирајте го Вашиот лекар:

  • Грутка која претходно сте ја немале;
  • Оток околу градите, клучната коска или пазувите;
  • Сува, испукана, зацрвенета или рапава кожа (како кора од портокал) околу брадавиците;
  • Крвав или друг исцедок од брадавиците;
  • Свраб или температура на градите.

Не секогаш овие симптоми значат нешто опасно, но, обавезно треба да се посети лекар. Освен можноста да овие симптоми упатуваат на канцер на градите, може, од друга страна, да станува збор за безопасни промени, предизвикани од иритација или инфекција која може лесно да се лекува.

Ако приметите и вовлекување на брадавиците кон внатре, исто така посетете лекар. Кај 10% од жените, ова е нормална појава, цел живот имаат природно вовлечени брадавици. Но, ако не спаѓате во тој процент на жени, и Ви се појавува ваква промена, информирајте го Вашиот лекар.

Кои се ризиците за рак на дојка?

Советувајте се со лекарот за можните ризици за развој на рак на дојка. На пример, ако сте пушач, ако пиете алкохол, или ако имате фамилијарна историја на рак на дојка.

Жени кои немаат деца, или родиле после 30-тата година, исто така имаат поголем ризик.

Со поголем ризик се и жените кои го добиле првиот менструален циклус на возраст помала од 12 години, па поминуваат низ менопауза порано од вообичаено, или кои земаат одредени хормонски лекови за време на менопауза во период подолг од 5 години.

Ако земате орални контрацептиви, не е исклучена малата веројатност за развој на рак на гради. Пред да се одлучите за каков тип на контрацепција ќе применувате, советувајте се со Вашиот лекар, кој ќе ги земе во предвид евентуалните ризик фактори по Вашето здравје.

Кои промени се случуваат кога сте бремени или доите?

Во бременоста, нормално е градите да се видоизменат – да се зголемат и да бидат почувствителни, брадавиците да добијат потемна боја, а крвните садови да станат поизразено видливи, композицијата на ткивото на градите се менува, како да има грутки.

Цистите во градите и други неканцерогени тумори, може да се формираат или да се зголемат за време на бременоста.

Градите се исполнуваат со млеко неколку дена по раѓањето, па имате чувство дека се натечени, стануваат потешки и почувствителни. Кога почнувате со доење, овие тегоби се намалуваат. Ако не го доите бебето, градите треба да престанат да создаваат млеко по неколку дена.

Ако доите, може да настанат промени, како болни, испукани брадавици или запушување на млечните канали. Ова може да доведе до инфекција – маститис, која треба да се лекува со антибиотици.

Здравјето на градите во 40-тите години и потоа

Како што стареете, ќе приметите физички промени. За време на менопаузата или пред овој период, жлездите кои создаваат млеко се намалуваат. Тие се заменуваат со ново масно ткиво, па градникот може да Ви стане мал.

Со возраста, се зголемува ризикот од рак на дојка. Советувајте се со лекарот кога треба и колку често треба да правите скрининг прегледи – мамограми. Вообичаено се препорачуваат на 1 до 2 години за жени на возраст помеѓу 50 и 74 години, но треба да се почне веќе на возраст од 40 години.

Здрави навики во било која возраст

Без разлика на возраста, можете да го намалите ризикот од рак на дојка, ако го лимитирате алкохолот на еден пијалок дневно, ако престанете со пушење, ако одржувате оптимална телесна тежина. Исто така, важно е да практикувате неделно 150 минути умерено вежбање, како и да јадете свежо овошје и зеленчук.

Никогаш не е прерано да почнете да размислувате на здравјето на Вашите гради, ниту пак е доцна за да направите промени кон подобро.

error: