Интимно Здравје

ХПВ инфекција кај мажи – почест проблем отколку што мислиме

Повеќето информации за ХПВ вирусот (human papillomavirus) се однесуваат на жените, со потенциран ризик од појава на рак на матката. Но, ХПВ вирусот може да предизвика здравствени проблеми и кај мажите, како што е канцер на гениталиите, кој не е толку чест. Или пак, појава на генитални брадавици (кондиломи), како и кај жените.

Половина од мажите, во текот на животот, може да заболат од ХПВ, но, без да имаат некакви здравствени проблеми, вирусот после некое време сам се повлекува.

Ризик од ХПВ инфекција кај мажи

Некои типови на ХПВ вирусот може да предизвикаат рак на анусот или на пенисот кај мажите. Иако овие типови на рак се доста ретки, Американската Асоцијација за канцер (ACS) има податоци за 2017 година, дека кај 2,120 мажи е дијагностициран рак на пенис, а кај околу 2,950 мажи е дијагностициран рак на анусот.

Ризикот од рак на анусот е за 17 пати поголем кај сексуално активни хомосексуалци. Поголем ризик за појава на овој тип на канцер е и кај мажите кои имаат ХИВ вирус.

Повеќето типови на рак на грлото, вклучително и коренот на јазикот и тонзилите, се поврзани со ХПВ инфекција. Всушност, ова е најчест тип на ХПВ поврзан со канцер кај мажите. Повеќе од 13,000 нови случаи се дијагностицираат секоја година.

Друг тип на ХПВ вирусот предизвикува генитални брадавици (кондиломи) кај мажите. Околу 1% од мажите во САД го имаат овој проблем.

Симптоми на ХПВ кај мажите

Високо-ризичните типови на ХПВ кои предизвикуваат рак, ретко кога даваат некои симптоми, било кај мажи или кај жени. Кондиломите се први симптоми што може да се приметат, предизвикани од ниско-ризични типови на ХПВ.

Тестирање на ХПВ инфекција кај мажите

За да се дијагностицираат кондиломи кај мажите, лекарот вообичаено прави преглед на гениталната област. Но, понекогаш и нормалните кожни промени може да доведат до забуна и погрешна дијагноза.

Не постои стандарден тест за дијагностицирање на високо-ризичен ХПВ кај мажите. Може да се направи анален ПАП тест, кај сексуално активните хомо – и бисексуалци, кои спаѓаат во критичната маса за заболување од овој тип.

Третман и лекување на ХПВ инфекција кај мажите

Не постои соодветен третман на ХПВ инфекција кај мажи, кога нема никакви симптоми. Лекарот може да ги лекува здравствените проблеми кои се предизвикани од ХПВ вирусот.

Ако има појава на кондиломи, постојат неколку начини на лекување – со апликација на креми, хируршко отстранување или крио-третман.

Некои лекари не се согласуваат со раниот третман на кондиломите, затоа што тие можат да исчезнат сами после некое време.

Аналниот канцер се третира со зрачење, хемотерапија, хируршки. Сè зависи од стадиумот на болеста.

ХПВ Вакцина кај мажите?

ХПВ вакцината Gardasil, одобрена за жените во 2006 година, е одобрена и за превенција кај мажите во 2009 година. И тоа, кај момчиња и млади мажи на возраст од 9 до 26 години, за превенција од кондиломи предизвикани од два типа на ХПВ: ХПВ6 и ХПВ 11. Овие се два, од четирите типа на ХПВ на кои вакцината може да делува. Во 2010 година, Gardasil  е одобрена и за превенција од анален канцер.

Од неодамна, ФДА (FDA -Food and Drug Administration Agency) на САД, ја одобрува Gardasil 9, за превенција од типови на ХПВ за која е одобрена и Gardasil plus ХПВ- 31, ХПВ-33, ХПВ-45, ХПВ-52 и ХПВ-58. Овие типови на ХПВ се и најчестите предизвикувачи на рак на матката. Gardasil 9 е одобена за употреба кај момчиња на возраст од 9 до 15 години.

Како да се контролира ХПВ

Ако долгогодишниот партнер има ХПВ, веројатно трансмисијата на вирусот е направена, па и двајцата партнери го имаат. ХПВ кај мажите полесно се повлекува, за разлика од кај жените, на кои им е потребно 2 години или нешто помалку.

ХПВ вирусот кој е предизвикувач на рак на матката, не претставува опасност за хетеросексуален маж.

Ако едниот од партнерите има ХПВ, не значи дека имале секс со некој друг. Вирусот може да мирува во телото со години, без да предизвика некакви симптоми.

Како да се спречи ширењето на ХПВ

Апстиненцијата е најсигурен начин за да се спречи трансмисијата на ХПВ вирусот. Ризикот се намалува ако сексот е моногамен, со личност која не е инфицирана.

За да се намали ризикот од ширење на ХПВ, треба да се ограничи бројот на сексуални партнери.

Кондомите може да обезбедат заштита, но, и тие не се 100% ефективни, поради тоа што ХПВ се пренесува од кожа на кожа контакт. Значи, вирусот може да ја инфицира кожата која не е заштитена со кондомот.

error: