Физичко Здравје

Витамин Д-Хипервитаминоза: Сериозна состојба која треба да се лекува!

хипервитаминоза д
Сигурно сте запознаени со состојбата на дефицит на витамин Д, но дали сте слушнале дека постои и состојба на хипервитаминоза со Д витамин? Иако е доста поретка, таа е потенцијално сериозна состојба. Вообичаено се јавува поради предозирање со суплементи кои содржат витамин Д, а предизвикува абнормални високи нивоа на калциум во крвта. Сето ова се одразува на коските, ткивата и другите органи. Ако не се лекува на време и соодветно, доаѓа до покачување на крвниот притисок, губење на коскенаta маса и оштетување на бубрезите.

Кои се причините за витамин Д – хипервитаминоза?

Најчестата причина за хипервитаминоза е неконтролирано внесување на суплементи со витамин Д, во поголема концентрација од максималните дневни потреби. За возрасен човек, дневните потреби се 600 IU.

Неколкумесечно консумирање на преголеми дози на витамин Д делуваат токсично.

Некои лекови, како антихипертензивите –  тиазидните диуретици и за лекување на срцеви болести – дигоксин, може да доведат до зголемена концентрација на витамин Д во крвта.

Естрогенската терапија, хронична употреба на антациди, антитуберкулостатскиот лек – изонијазид, исто така може да доведат до покачени нивоа на витамин Д.

Шансите за развивање на хипервитаминоза со витамин Д се поголеми доколку земате суплементи со витамин Д и имате некоја од следните состојби:

  • бубрежно заболување;
  • болести на црниот дроб;
  • туберкулоза;
  • хиперпаратиоридизам;
  • саркоидоза;
  • хистоплазмоза.

Симптоми

Прекумерните количини на витамин Д предизвикуваат и хиперкалцемија. Симптомите вклучуваат:

  • замор,
  • губење на апетит,
  • губење на телесна тежина,
  • прекумерна жед,
  • прекумерно уринирање,
  • дехидратација,
  • констипација,
  • нервоза, иритабилност,
  • звонење во ушите (тинитус)
  • мускулна слабост,
  • гадење, повраќање,
  • вртоглавици,
  • конфузија, дезориентација,
  • висок крвен притисок,
  • срцеви аритмии

Долготрајните компликации од хипервитаминозата која не се лекува се:

  • бубрежни камења,
  • оштетување на бубрезите,
  • губење на функцијата на бубрезите,
  • губење на коскена маса,
  • калцификација на артериите и меките ткива.
  • зголемената концентрација на калциум предизвикува абнормален срцев ритам.

Лекување

Третманот започнува со исфрлање од употреба на суплементите кои содржат витамин Д. Се регулира исхраната, да не се внесуваат намирници кои се богати со калциум. Во некои случаи, лекарот може да препише терапија со бифосфонати или кортикостероиди, кои го супримираат ослободувањето на калциум од коските.

Потребно е постојано мониторирање на нивоата на витамин Д во крвта, се додека вредностите не се вратат во нормалните граници.

 

Може да Ве интересира за Цинк: Зошто му е потребен на организмот?

 

М.Д.

error: