Физичко Здравје

Срцеви заболувања – Како да ги превентирате?

Срцевите заболувања се едни од најчестите причини за смртност кај луѓето,  како и најголема причина за нарушување на општата здравствена состојба и оневозможување на нормален здрав живот. Постојат многу ризик фактори за појава на срцевите заболувања. Некои од нив не може да се контролираат, но, постојат  многу од нив на кои може да се делува. Колку повеќе знаете за ризик факторите, можете да делувате и да ја спречите – или намалите – нивната појава.

Кои ризик фактори не може да се променат?

  • Возраста – Со возраста, се зголемува и ризикот од појава на срцевите заболувања. Мажи постари од 45 и жени постари од  55 години, влегуваат во групата на потенцијални пациенти.
  • Пол – Некои ризик фактори зависат од полот. На пример, естрогенот на жените им обезбедува заштита против срцевите заболувања, додека дијабетесот го зголемува ризикот, повеќе кај жените, отколку кај мажите.
  • Раса или етничка припадност – Кај одредени групи на популација постои поголем ризик. Афро-Американците повеќе страдаат од белата раса, додека кај Шпанските Американци е помала веројатноста за појава на срцеви заболувања. Некои Азиски групи, како Источно Азијците, имаат пониски стапки на срцеви болести од Јужно Азијците.
  • Фамилијарна анамнеза – Доколку во семејството постои член кој боледувал од некое срцево заболување на порана возраст, ризик факторот за појава кај идните генерации, се зголемува.

Како да се намали ризикот од појава на срцеви заболувања?

Постојат повеќе начини за да се делува на ризик факторите за појава на срцеви заболувања:

  • Контролирајте го крвниот притисок  – Високиот крвен притисок е еден од најголемите ризик фактори за појава на срцевите заболувања. Еднаш годишно треба да се направат контроли, а доколку страдате од висок крвен притисок, тогаш е потребно секојдневно следење и терапија. За да се превенира, или намали високиот крвен притисок, потребно е , пред сè да се промени начинот на живот.
  • Нивоата на холестерол и триглицериди треба да се држат под контрола – Високите нивоа на холестерол и триглицериди може да ги запушат артериите и со тоа да се зголеми ризикот од појава на коронарни артериски болести или срцев удар. Високите нивоа на триглицериди се поголем ризик фактор кај жените.
  • Одржувајте добра телесна тежина – Преголемата тежина е ризик фактор, токму поради тоа што покачената телесна тежина е поврзана со постоење на други ризик фактори, висок холестерол и триглицериди, висок крвен притисок, дијабет. Контролирањето на телесната тежина ги намалува овие ризик фактори.
  • Хранете се здраво – Обидете се да го ограничите внесот на заситени масти, храна богата со натриум и со додадени шеќери. Јадете многу свежо овошје, зеленчук и цели житарици. Диететскиот режим DASH е пример за план за исхрана која ќе Ви помогне во намалување на крвниот притисок и холестеролот, двата најголеми ризик фактори за срцевите заболувања.
  • Редовно вежбајте – Вежбањето и физичката активност имаат многу благодети за нашиот организам, како и зајакнување на срцето и подобрување на циркулацијата. Заедно со одржување на телесната тежина, намалување на холестеролот и крвниот притисок, сè што го намалува ризикот од срцево заболување.
  • Ограничете го внесот на алкохол – Премногу алкохол го покачува крвниот притисок. Исто така, поради екстра калориите, може да се зголеми и телесната тежина. Мажите не треба да консумираат повеќе од два алкохолни пијалоци на ден, а жените не повеќе од еден.
  • Престанете со пушење – Цигарите го покачуваат крвниот притисок. Ако не сте пушач, немојте ни да почнувате. Ако сте, откажете ги цигарите, со тоа ќе го намалите ризикот од развој на коронарна болест.
  • Контролирајте го стресот – стресот е поврзан со срцевите заболувања на повеќе начини. Под стрес, се покачува крвниот притисок. Екстремниот стрес може да биде тригер фактор за срцев удар.  Кога сме под стрес, повеќе јадеме, пиеме алкохол, пушиме, а сето тоа лошо делува на нашето срце. Затоа мора да се контролира и ослободува стресот, со вежбање, слушање музика, фокусирање на нешто што ни делува смирувачко, медитација, и сл.
  • Контролирајте го дијабетот – Постоењето на дијабет, двојно го зголемува ризикот од срцеви заболувања. Високиот шеќер ги оштетува крвните садови и нервите кои го контролираат срцето и крвните садови. Затоа мора да се проверува нивото на шеќерот во крвта, а ако веќе имате дијабет, тогаш мора да го држите под контрола, со соодветна терапија и начин на исхрана.
  • Спијте доволно – Ако не спиете доволно, го зголемувате ризикот од појава на висок крвен притисок, гојазност и дијабет. Сите овие пак, водат кон зголемен ризик од појава на срцево заболување. Повеќето возрасни треба да имаат ноќен сон од 7 – 9 часа. Доколку имате проблеми со спиењето, несоница, побарајте стручна помош. Сменете ги навиките пред легнување. Проверете да не патите од sleep apnea, проблем што предизвикува краток застој во дишењето повеќе пати во текот на ноќта. И тоа претставува ризик фактор за појава на срцева болест.

Какви испитувања треба да се направат ако постојат ризик фактори?

Крвните анализи и тестови за проверка на работата на срцето се потребни за да се идентификува срцево заболување. Лекарот одлучува кои од испитувањата треба да се направат, врз основа на симптомите, ризик факторите, или медицинската историја.

  • Кардијална Катетеризација
  • Компјутерска томографија на срце
  • Снимање со магнетна резонанца на срце
  • Рентген снимка на граден кош
  • Коронарна ангиографија
  • Ехокардиографија
  • Електрокардиограм (ЕКГ)
  • Стрес тест

 

 

М.Д.

error: