Физичко Здравје

Што значи состојбата на вашите стапала и нокти за Вашето здравје?

отечени стапала

Имате студени нозе? Или Ви горат? Ноктите Ви се пожолтени? Освен она што го знаете, дека пожолтените нокти се резулат на габична инфекција, или студените нозе се резултат на слаба циркулација, дознајте на што сè може да се должат промените, така ќе обрнете повеќе внимание на вашата здравствена состојба.

Студени стапала

Ако постојано Ви се студени прстите, една од можните причини е слабата циркулација, која пак може да се должи на пушење, висок крвен притисок или некое срцево заболување. Друга причина за ладните стапала е оштетување на нервите при нерегулирана шеќерна болест. Или пак, хипотироидизам и анемија.

Болка во стапалата

Ако после напорен ден Ве болат стапалата, може да ги обвините чевлите. Всушност, 8 од 10 жени се жалат на болки поради неудобни чевли. Но, понекогаш болката доаѓа од мала пукнатина на коските, после напорно вежбање, при спортови како кошарка или трчање на далечина; или причина е остеопорозата.

Црвена, бела или сина боја на прстите

Рејнодовата болест може да предизвика промена на бојата на прстите, од бели, потоа сини, па црвени и на крај ја враќаат природната боја. Причината за оваа појава е ненадејно стеснување на артериите, наречени вазоспазми. Стрес или промена на температура може да предизвикаат вазоспазми, кои вообичаено не се причина за загрижување. Рејнодовата болест може да биде поврзана и со ревматиден артрит, Сјогренсова болест или проблеми со тироидеата.

Болки во петите

Најчеста причина за болка во петите е плантарен фасцитис, воспаление при кое лигаментот се прицврстува за коската на петата. Болката е најголема кога станувате наутро и стапнувате на нозете. Други причини може да бидат артрит, префорсирано вежбање, несоодветни обувки.

Влечење на нозете

Првиот знак за проблемот е промена на начинот на одење – чекори со подраширени нозе и влечење на нозете. Причина може да биде оштетување на периферните нерви, поради што настанува губење на нормалната сензација во нозете, а околу 30% од случаите се поврзани со дијабет. Оштетувањето на нервите може да настане и поради инфекција, недостаток на витамини, алкохолизам. Други можни причини за влечење на нозете може да бидат проблеми со мозокот, ‘рбетниот мозок или мускулите.

Отечени нозе

Ова вообичаено е привремена појава – после стоење долги часови, долг пат, особено ако сте бремени. Но, ако нозете се постојано отечени, тоа веќе може да биде знак за некоја сериозно пореметување, како што е бубрежна болест, недоволно активна тироидна жлезда, слаба циркулација, проблем со лимфниот систем, или тромбоза. Затоа, ако имате ваков проблем, посетете лекар.

Стапала кои се врели

Врелите стапала се еден од симптомите со кои се соочуваат дијабетичарите, поради оштетување на периферните нерви. Но, можни причини се и дефицит на витамин Б, атлетско стопало, хронична бубрежна болест, слаба циркулација во нозете и стапалата или хипотироидизам.

Рани кои не зацелуваат

Раните кои не заздравуваат може да бидат сериозен знак за дијабет. Тие се подложни на инфицирање, што може да предизика посериозни здравствени проблеми. Друга причина може да е слабата циркулација која се должи на периферна артериска болест.

Болка во палецот

Гихтот може да биде причина за ненадејна болка во палецот, како и црвенило и оток. Остеоартритот е друга можна причина.

Болка во помалите прсти

Ако имате чувство како да одите по мермер, или болката се шири од стапалото кон прстите, можеби имате Мортонова неурома, задебелување на ткивото околу нервите, вообичаено помеѓу третиот и четвртиот прст. Почеста е појавата кај жените отколку кај мажите, а се должи на повреда или притисок врз прстите.

Чешање

Габичната инфекција е честа причина за појава на свраб на кожата, но, исто така и контактен дерматит, како и псоријаза.

Грчеви во нозете

Ненадејна, остра болка во стапалото кое трае неколку секунди или минути е знак за грч на мускулите. Причините може да се претерана работа и мускулен замор, како и слаба циркулација, дехидратација, дисбаланс на калиум, магнезиум, калциум, витамин Д.

Темна дамка на стапалата

Меланомот, најопасната форма на кожен карцином, може да се појави на места кои не биле изложени на сонце. Појавата на темни флеки на нозете, нека Ви биде причина да појдете на лекар. Може да се појави дури и под ноктот, како црна точка.

Пожолтени нокти

Тоа е вообичаено знак за габична инфекција. Но, покрај тоа, и други состојби може да предизвикаат промена на бојата на ноктите, како лимфедема, белодробно заболување, псоријаза или ревматиден артрит.

Нокти искривени нагоре

Недостатокот на железо во организмот може да предизвика неправилна форма на ноктите и нивно искривување.

Побелени нокти

Повреда на ноктите или болест може да предизвикаат побелување на ноктите. Посериозни сотојби кои може да доведат до ова се болест на црниот дроб, конгестивно срцево заболување, или бубрежно заболување.

М.Д.
error: