Физичко Здравје

Основни факти за мозочен удар што треба секој да ги знае

Прв чекор во превенција од мозочен удар е едукацијата за ризик факторите и знаците на мозочен удар. Мозочен удар настанува кога се прекинува дотокот на крвта во било кој дел од мозокот. Мозочните клетки, лишени од снабдување со кислород и гликоза, умираат. Ако не се делува брзо, може да настанат трајни мозочни оштетувања, а понекогаш да заврши и фатално.

Каков може да биде мозочниот удар?

Има два типа на мозочен удар:

  • Исхемичен мозочен удар, кој е сличен на срцевиот удар, само што се јавува во крвните садови на мозокот. Тромбите може да се формираат во крвните садови на мозокот, или во било кои крвни садови кои водат до мозокот. Овие згрутчувања го блокираат протокот на крвта кон мозочните клетки. Исхемичниот мозочен удар настанува и кога премногу плаки (депозити од масти и холестерол) ги запушуваат мозочните крвни садови. Околу 80% од мозочните удари се од исхемична природа.
  • Хеморагичен мозочен удар настанува кога крвните садови во мозокот руптурираат, при што крвта што се излева во мозочните ткива предизвикува оштетување на мозочните клетки. Најчеста причина за хеморагичен мозочен удар е високиот крвен притисок и мозочна аневризма.

Кои се симптомите на мозочен удар?

  • Слабост или вкочанетост на лицето, рацете, нозете, или едната страна од телото
  • губење на видот или замаглување на видот, на едното или на двете очи
  • Губење на говорот, потешкотии во зборувањето, или неможност да се разбере што другите зборуваат
  • Ненадејна, силна главоболка, која се јавува без особена причина
  • Губење на рамнотежата или нестабилно одење, во комбинација со некои од другите симптоми

Што треба да превземам ако имам симптоми на мозочен удар?

Веднаш повикајте Брза Помош, ако Вие или некој Ваш познат има симптоми на мозочен удар. Брзата реакција и лекување може да спаси нечиј живот, или пак да ги зголеми шансите за целосно закрепнување.

Американската Асоцијација за срце има воведено мемориска алатка за препознавање на знаците на мозочен удар, а тоа е кратенката F.A.S.T. = F- face; A-arms; S-speech; T-time to call 911 – или што во превод би било лице свенато, искривено; слабост во рацете; говор отежнат; време е да се повика Брза Помош!

Дали мозочниот удар може да се спречи?

Повеќето од половина мозочни удари може да се превенираат.

Повеќето ризик фактори може да се контролираат, пред да предизвикаат поголем проблем. Тие се:

  • Висок крвен притисок
  • Атријална фибрилација
  • Неконтролиран дијабет
  • Висок холестерол
  • Пушење
  • Прекумерно консумирање алкохол
  • Прекумерна телесна тежина
  • Постоечка каротидна и/или коронарна артериска болест

Ризик фактори кои не можат да се контролираат се:

  • Возраста (лица постари од 65 години)
  • Пол (поголем е процентот кај мажите – доживуваат повеќе мозочни удари, но кај жените се почесто смртоносни)
  • Раса (Афро-Американците се со зголемен ризик)
  • Фамилијарна историја на мозочни удари

Вашиот лекар може да ги евалуира ризик факторите за мозочен удар и да Ви помогне во нивното контролирање.

Понекогаш, пред да настане мозочниот удар, се јавуваат предупредувачки знаци. Тие се нарекуваат транзиторни исхемични напади (‘мини удари’), кратки епизоди на симптомите на мозочен удар. Блокадата, предизвикана од тромбите, е привремена. Овие не предизвикуваат трајни мозочни оштетувања, но, се зголемува ризикот од последователен мозочен удар.

Кај некои лица, нема никакви предзнаци за мозочен удар, или пак симптомите се толку незначителни за да бидат приметени. Потребни се редовни систематски прегледи. Информирајте го лекарот за било кој симптом кој е несекојдневен, или ризик фактор со кој се соочувате.

Прочитајте повеќе за: Дознајте колкав треба да ви е крвниот притисок според возраста и полот

error: