Физичко Здравје

Најчести причини за губење на слухот – еве како да се заштитите од нив пред да биде доцна

губење на слух

Долготрајна изложеност на постојана бучава може да го оштети слухот со текот на времето. Носете штитници за уши или слушалки, кои ќе Ве заштитат. Но, постојат и други причини, кои може да доведат до намалување или губење на слух:

Повреди на главата

Тешка траума на главата може да доведе до дислокација на коските на средното уво или да предизвика оштетување на нервите, што може да предизвика трајно губење на слухот. Ненадејна промена на притисокот – како при летање или нуркање – може да ги оштети тапанчето, внатрешното уво, средното уво и да доведе до губење на слухот. Тапанчето може да заздрави за неколку недели. Но, кај посериозни оштетувања на внатрешното уво, може да треба хируршки да се интервенира.

Лекови

Некои лекови имаат потенцијален несакан ефект – губење на слух. Такви се одредени антибиотици и лекови против карцином. За време на третман со овие групи на лекови, треба да се прават чести контроли на слухот. Кај најголем дел, слухот се враќа по завршување на терапијата, но, за жал, кај некои, оштетувањата се трајни.

Хронични болести

Срцеви болести, мозочен удар, висок крвен притисок, дијабет, сите се поврзани со зголемен ризик од губење на слухот. Некои видови на автоимуни заболувања, како што е ревматиден артрит, исто така се поврзува со губење на слухот.

Тумори и израстоци

Бенигни тумори може да го блокираат ушниот канал, што доведува до губење на слухот.

Експлозивна бучава

Кај возрасните лица се зголемува процентот на оштетување на слухот. Понекогаш причина е многу гласна и неочекувана бучава, како огномети, истрели од оружје, или друг експлозивен материјал. Овие може да доведат до руптура на тапанчето или оштетување на внатрешното уво, а се нарекува акустична траума. Резултатот е моментален – трајно оштетување и губење на слухот.

Концерти

После концерт, чувствувате дека сеуште Ви одѕвонува во ушите? Ова се нарекува тинитус. Просечната јачина на еден концерт е околу 110 децибели, доволно за да предизвика трајно оштетување по само 15 минути. Оштетување на слухот настанува по пролонгирана изложеност на бучава над 85 децибели. Нормална конверзација регистрира јачина од 60 децибели. Тинитусот може да трае со часови, денови, недели, или трајно. За да превенирате оштетување или губење на слухот, носете штитници во ушите и ограничете го времето на изложеност на бучавата.

Слушалки во уши

Ако имате слушалки во ушите, а сепак другите околу Вас може да ја слушнат музиката што Вие ја слушате, значи дека треба да го намалите волуменот. Колку е појак и подолго време слушате на таа јачина, толку поголем е ризикот од оштетување.

Ушен восок

Тој природни ги штити ушите од нечистотии и бактерии. Но, понекогаш може да се зацврсне и да ги блокира ушните канали, па да доведе до намалување на слухот. Не се обидувајте сами да го одстраните и да ставате било што во увото. Лекарот најдобро ќе знае што и како да направи.

Детски болести

Повеќе детски болести може да доведат до губење на слухот. Инфекциите на ушите може да доведат до исполнување на средното уво со течности и со тоа до губење на слухот, кој се враќа откако ќе помине инфекцијата и течностите ќе се издренираат. Но, некои инфекции може да предизвикаат трајно оштетување на средното или внатрешното уво, а со тоа и губење на слухот. Такви болести, кои носат поголем ризик од губење на слухот кај децата, се: сипаници, енцефалит, инфлуенца, мали сипаници, менингит, заушки.

Губење на слухот од раѓање

Иако конгенитално губење на слухот вообичаено се наследува во семејствата, може да настане и како резултат на гестациски дијабет кај мајката или инфекција за време на бременоста. Или пак, ако бебето е предвреме родено, или поради компликации при раѓањето имало прекин на дотокот на кислород. Постојат случаи и каде бебешката жолтица е причина за губење на слухот кај бебињата.

Возраст

Слухот се намалува со текот на годините, па дури и ако сте ги штителе ушите во текот на животот. Не постои начин да се превенира губење на слухот во процесот на стареење, но постојат начини кои ќе Ви помогнат да го надминете овој проблем.

На следниот линк прочитајте: Црвенило на пенисот – дали да кревате паника?

 

 

М.Д.

error: