Физичко Здравје

Кронова болест – како да делувате за да ги намалите компликациите

Кронова болест е автоимуно заболување, хронично инфламаторно заболување на дигестивниот тракт, што може да го зафати било кој дел од него, од усната шуплина до дебелото црево, но најчесто се јавува на завршетокот на тенките црева, каде продолжува дебелото црево. Болеста може да се одрази и на очите, кожата, зглобовите.

Сè поголем е бројот на појава на луѓе со Кронова болест. За причинители, покрај генетскиот фактор, се сметаат и стресот, секојдневните грижи, начинот на живот, навиките во исхраната.

Симптомите како: чести дијареи (проливи), ректално крварење (крв во столицата), неочекувано намалување на телесната тежина, треска, абдоминална болка и грчеви, намалена енегија и чувство на замор, намален апетит, се едни од најчестите симптоми на Кроновата болест. Било кој од нив, или комбинација, треба да Ве натера да посетите лекар. А особено ако приметите крв во изметот.

Возраста на која најчесто се јавува Кроновата болест е помеѓу  15 – 35 години.

Што да преземете за намалување на компликациите од Кронова болест?

Внимавајте на одржувањето на коските

Обезбедете се со доволно калциум и витамин Д. Кроновата болест ги ‘троши’ коските, доведува до остеопороза, а истиот несакан ефект го предизвикуваат стероидите кои се користат во терапијата. Повеќето лекари се сложуваат дека оптимална дневна доза за калциум се движи од 1000-1300 mg,  а витамин Д од 600-800 IE. Вашиот лекар ќе Ве упати колкава треба да биде дозата за Вашата состојба.

Заштитете ги очите

Информирајте го Вашиот лекар ако Ви се појават симптоми како заматен вид, црвенило, сувост на очите. Кроновата болест делува  на повеќе делови на окото, како корнеата, солзните канали, надворешниот слој на белката. Ако Кроновата болест добро се контролира, повеќето компликации на очите ќе се повлечат. По потреба, лекарот прешишува капки за очи.

Олеснете си ја болката во зглобовите

На секој четврти болен од Кронова болест, се јавува по 1 случај кој добива артритис или воспаление на зглобовите. Се манифестира со болка во лактите, зглобовите, колената, глуждовите. Овој тип на артритис не предизвикува трајни оштетувања. Со повлекување на симптомите на Кроновата болест, ќе се намалат / исчезнат повеќето од симптомите. Посериозен проблем може да претставува доколку болниот пати од вкочанетост и болки во долниот дел на грбот, за што лекарите ќе препишат соодветна терапија и препораки за одмор.

Камења во жолчка

Скоро кај една третина од болните со Кронова болест се создаваат камења во жолчка. Кога тенките црева се оштетени, телото не може да ги абсорбира солите кои се создаваат за да го елиминираат отпадот. Од овие соли се формираат камчињата. Симптомите кои може да се јават се ненадејна болка во десниот горен дел на абдоменот и повраќање. Третманот кој се презема може да биде медикаментозна терапија или хируршко отстранување.

Промени на кожата

Набљудувајте ги евентуалните промени на кожата. Мал дел од болните со Кронова болест може да развијат како несакан симптом и кожни нарушувања, како црвени испакнатини на зглобовите, рацете, глуждовите (erythema nodosum). Кај многу мал дел може да се појават пликови, кои имаат тенденција да се развијат во хронични длабоки чиреви, но, и тоа е очекувано.

Оштетување на црниот дроб

Ако се чувствувате невообичаено уморни, имате свраб по телото, пожолтена боја на кожата, притисок во горен дел на стомакот, значи дека болеста почнала да го оштетува црниот дроб. Соодветни анализи мора да се направат, крвна слика, ехо, евентуално и биопсија, со што ќе се утврди постоењето на оштетувањето, а соодветно на тоа, да се преземат дополнителни третмани.

Болки во грбот

Ако чувствувате болка и вкочанетост во долниот дел на ‘рбетниот столб, информирајте го Вашиот лекар. Можна компликација од Кроновата болест е и спондилитис, форма на артритис која се поврзува со Кроновата болест. Со тек на време, може да доведе до трајно спојување на коските на ‘рбетниот столб, што се нарекува анкилозен спондилитис. Може да се јави кај 3% од болните со Кронова болест. Раниот третман може да помогне да се одржувате флексибилни. Вежби за истегнување и топли облоги на грбот може да Ви помогнат да се чувствувате подобро.

Депресија

Како и сите сериозни хронични, долготрајни болести, така и Кроновата, очекувано ќе доведат до појава на депресија и анксиозност. Тоа пак, од друга страна, ќе доведе до влошување на физичките симптоми на болеста и потешко ќе се одвива лекувањето. Препорачливо е да се посетува психотерапевт и да се прима потребна терапија за да се намалат и научат да се контролираат овие чувства.

Одете на редовни контроли

Редовно одете на контроли кај Вашиот матичен лекар и гастроентеролог. Консултирајте се со нив, за секоја можна и сомнителна промена која сте ја приметиле и информирајте ги доколку во меѓувреме сте почнале да примате некои лекарства или суплементи.

Совети за исхраната можете да најдете на следниот линк: Кронова болест – неколку совети за исхраната

 

error: