Физичко Здравје

Кои сè начини се применуваат за лекување на остеоартрит

Остеоартрит е дегенеративно заболување на зглобовите. ‘Рскавицата помеѓу зглобовите се троши со текот на времето, при што коските почнуваат да се тријат едни од други, а тоа доведува до воспаление, болки, вкочанетост, отоци.

Лек не постои за остеоартрит, но постојат начини на лекување кои може да помогнат.

Физичка активност

Иако на крај памет Ви е да правите вежби кога имате болки во зглобовите, сепак, тие се многу важни за намалување на болката и успорување на процесот на оштетување на зглобовите. При тоа, вежбите се значајни за намалување на телесната тежина. Вежбањето може да се подели во три категории:

    • Истегнување – Овие вежби се важни за зголемување на флексибилноста и опсегот на движењата, како и за подмачкување на зглобовите. Лекарот ќе Ви препорача кои се најпогодни вежби за Вас. Јогата, таи чи и пилатес, се добра опција.
    • Вежби за зајакнување – се зајакнува мускулатурата, со што пак ќе се заштитат зглобовите од повреди. Опција се кревање тегови, или вежби со телото, склекови и сл.
    • Аеробни вежби – како трчање, пешачење, возење велосипед, пливање, се позитивни за здравјето на срцето и белите дробови, го намалуваат уморот и ја зголемуваат Вашата издржливост. А ќе изгубите и доста калории со помош на овие активности.

Намалете ја телесната тежина

Прекумерната телесна тежина може да влијае на појава на артрит, поради преголемото оптоварување на колковите, грбот, колената. Затоа, внимавајте на својата телесна тежина.

Внимавајте на исхраната

При појава на артрит, се препорачува Медитеранска или антиинфламаторна диета, што значи дека треба да се консумира повеќе храна која е добра за одржување на зглобовите. Тоа подразбира риба, ореви, овошје, зеленчук, грав, житарици, маслиново масло…

Лекови

Лекови се користат за намалување на болките. ОТЦ препарати, аналгетици, но секако во консултација со лекар. При многу силни болки може да се аплицираат кортикостероидни инјекции на местото на болниот зглоб.

Природни лекови

Одредени билки и суплементи се смета дека се добри за лекување на артрит, како капсаицин, ленено семе, ѓумбир, гинко, куркума. Најважни се хондроитин сулфат и глукозамин. И двете се составни компоненти на ‘рскавицата. Иако доказите за нивното делување не се научно поткрепени, сепак, се смета дека помагаат во регенерирање на ‘рскавицата.

За докажани природни суплементи прочитајте на следниот линк: 9 Природни додатоци за лекување на артрит

Други алтернативни начини на лекување вклучуваат и акупунктура, масажи, топли или ладни облоги.

Физикална терапија

Физиотерапевтите може да Ве научат на вежби кои ќе помогнат во намалување на болката и подобрување на опсегот на движење. Исто така, може да Ви препорачаат одредени помагала кои ќе Ви го олеснат движењето и манипулирањето со секојдневните обврски.

Хируршка интервенција

Ако после одреден период на лекување со сите погоре наведени опции, не доаѓа до подобрување на состојбата, а болките стануваат неиздржливи, можеби лекарот ќе предложи хируршка интервенција, како можен начин на олеснување на Вашите тегоби.

 

 

М.Д.

error: