ИсхранаФизичко Здравје

Како да се справите со алергијата на храна

Алергијата на храна се јавува како абнормална реакција на имуниот систем кон одредени видови на храна. Симптомите може да варираат од кивање, назална конгестија, и во најлош случај, до анафилактичен шок.

Не постои лек за алергиите на храна, па избегнувањето на тие намирници е единствениот начин за превенција.

Исто така, може да се преземат соодветни мерки за да се намали ризикот од сериозни последици по здравјето на човекот.

Читајте ги декларациите на храната

Иако составот на декларациите на храната може да бидат збунувачки и нејасни, треба многу да се внимава доколку е назначено дека “производот може да содржи и …”

Постојат најмалку 160 видови на храна кои се предизвикувачи на алергии, а 8 од нив се најчестите потенцијални алергени:

  • млеко
  • јајца
  • риба
  • школки
  • ореви
  • кикирики
  • пченица
  • соја

Во САД постои закон со кој се утврдува дека на декларациите мора да биде наведен составот на сите компоненти кои може да предизвикаат алергиска реакција. (The Food Allergen Labeling and Consumer Protection Act – FALCPA). 

Според оваа регулатива, била која од погоре наведените 8 видови на храна, или протеини кои потекнуваат од нив, мора да бидат назначени како ‘главни алергени’. На декларацијата може да бидат прикажани на еден од следните 3 начини:

  1. Име на состојката– на пример, името на храната која е алерген (млеко), може да биде вклучено во името / описот на производот (млечен путер)
  2. Дообјаснување на потеклото на компонентата – алергенот може да биде наведен како дообјаснување после описот на главната компонента, на пример, сурутка (млеко), лецитин (соја), брашно (пченично).
  3. Дополнително да се наведе составот на сè она што може да содржи – веднаш до составот на главните компоненти, да се наведе дека “може да содржи…млеко, соја, пченица, итн.”

Избегнувајте мешање и комбинирање на намирници кои може да направат вкрстена реакција со докажаните алергени

Вкрстен контакт директен или индиректен, кога алерген-храна доаѓа во контакт со неалергена храна. На пример, кога го отстранувате кашкавалот од чизбургерот, за да го направите хамбургер, е директен вкрстен контакт. Додека, индиректен е користење на ист прибор за приготвување и на хамбургер и на чизбургер.

Затоа, можете да ги преземете следните чекори, кои ќе го намалат ризикот да дојдете во допир со алергените:

Исчистете ја кујната – отстранете ги сите производи кои не смеете да ги јадете.

Исчистете ги сите кујнски апарати – прибор, тави, тенџериња, шпорет.

Направете организација на храната-  со сепарирање на онаа храна која можете и не можете да ја јадете, доколку не живеете сами.

Гответе ја прво безбедната храна за Вас – ако треба да готвите повеќе видови на храна во исто време.

Покривајте ја храната која е безбедна за Вас – за да спречите да се измеша со алерген-храната.

Измијте ги убаво рацете со сапун и вода, веднаш откако ќе готвите и сте во допир со алерген-намирници. Само вода или некои гелови за раце не се доволни за елиминација на алергените од Вашите раце.

Измијте ги добро садовите, приборот, кујнските површини, откако ќе завршите со готвењето, со сјај и вода.

Никогаш не ја делете храната за да бидете секогаш сигурни дека нема да дојде до вкрстен контакт.

Кога јадете во ресторан, осигурајте се дека добро Ве разбрале за Вашата состојба и ризикот на кој сте изложени, доколку не ја приготват храната како што сте им кажале.

Вкрстена реактивност –  настанува кога протеините во составот на различни видови на храна се многу слични, па може да настане забуна, односно организмот да реагира исто на неалергената храна, како и на алергената.

На пример, ако имате алергија на школки, можеби е подобро да избегнувате сé од таа група на намирници, односно сите морски риби и плодови.

Степенот на вкрстена реактивност може да варира многу кај различни видови на храна. На пример, кај кравјото млеко и козјото млеко можноста за вкрстена реактивност изнесува 90% , додека помеѓу кикириките и другите легуминози е само 5%.

Ако сакате да јадете храна од истата група во која припаѓа и храната на која сте алергични, најдобро е претходно да направите кожни прик тестови, или да дегустирате по малку од храната, за да видите дали организмот ќе покаже некаква реакција.

Препознајте ги симптомите на алергија

Многу е важно да ги препознавате знаците и симптомите на алергијата, особено на анафилаксата, за да спречите посериозни компликации.

Вообичаените реакции и симптоми на алергијата се манифестираат на повеќе делови:

  • на кожата – чешање, црвенило, осип, пликови, поткожни отоци
  • на очите – чешање, солзење, црвенило, отоци под очите
  • горен респираторен систем – нос кој тече, кивање, назална конгестија, засипнастост, сува кашлица, чешање
  • долен респираторен систем – стегање во градите, свиреж во градите, недостаток на воздух, кашлица
  • уста – отекување на јазикот, непцето или усните, чешање
  • гастроинтестинални – гадење, рефлукс, повраќање, дијареа, абдоминална болка, крвави столици
  • кардиоваскуларни – забрзана или забавена работа на срцето, вртоглавици, несвестици, низок крвен притисок, губење на свест
  • други – контракции на матката, чувство на нелагодност

Симптомите на анафилаксата тешко дека секој ќе ги препознае. Но, ако доживувате некој од следниве 3 состојби, неколку минути или неколку часа по консумирање на некоја храна, веројатно се соочувате со анафилактичен шок:

  1. Сите симптоми на кожата, влажно мукозно ткиво во носот, устата, гастроинтестинален тракт, отежнато дишење, пад на крвниот притисок, конфузија, или губење на свест.
  2. Два или повеќе од следните симптоми: осип, чешање, отекување на јазикот или усните, потешкотии во дишењето, пад на крвниот притисок, абдоминални грчеви или повраќање.
  3. Пад на крвниот притисок што води до слабост или несвестица.

За третирање на анафилактична реакција потребно е да се даде интрамускулно адреналин.

Подгответе план за итно делување

Сите Ваши блиски, семејството, пријателите, колегите на работа, мора да бидат запознаени со Вашата состојба. Направете список на што сте сериозно алергични. Наведете ги чекорите кои треба да бидат преземени во случај на итна потреба, а добро е со себе секогаш да носите адреналин и прибор за негово приготвување и апликација.

Можете да приготвите картичка со сите важни податоци, која секогаш ќе ја носите со себе.

 

Прочитајте за Уртикарија – како да ја третирате во домашни услови

 

 

М.Д.

error: