Физичко Здравје

Како да ја препознаете мигрената?

Мигрената претставува специјален вид на главоболка кој се јавува во пароксизми, често во правилни интервали и обично е еднострана. Понекогаш е пропратена со гадење, повраќање и пореметен вид. Потеклото на зборот мигрена е од hemicrania: hemi-пола и cranium–череп.

Етиологијата не е иста за сите случаеви. Кај многу од болните многу е важна генетската предиспозиција, кај некои исхраната, тутунот и алкохолот. Мигрената е болест од младоста. Најчесто започнува во пубертетот или адолсценцијата. Жените патат повеќе од мажите во размеер 5:1, каде што игра улога ендокринолошкиот фактор. Во овој прилог доаѓаат и нападите кои се добиваат за време на менструалниот циклус, бременост и доењето.

Важен фактор, кој го предизвикува овој напад е психичкото напрегање и емотивниот шок. Многу од пациентите се осетливи и амбициозни личности кој се оптеретуваат повеќе отколку што можат да поднесат.
Постојат многу теории кои ја објаснуваат патогенезата на мигрената. Според една, која изгледа и најверојатна, е спазамот на крвните садови на главата и мозокот. По овој спазам настанува попуштање на тонусот на крвните садови, односно парализа. Оваа дилатација на крвните садови е причина за главоболката.

Симптоми

  • Продромни симптоми кои се јавуваат во текот на 24 часа пред атаката: компулсивно проѕевање, потреба од слатка храна, замор и промена во личноста.
  • Симптоми на аура: прогресивни нарушувања на видот, сцинтилациски скотоми, линии во цик-цак форма, нарушувања на осетот, нарушување во говорот, парестезии. Симптомите на аурата траат од 5 до 60 min.
  • На крајот на фазата со аура или по неа, се јавува пулсирачка, унилатерална силна или средно силна главоболка, која е следена со гадење и на повраќање.
  • Мигрената без аура почнува со главоболка. Атаката е поврзана и со нарушувања во автономниот нервен систем: бледа кожа, нарушена функција на мочниот меур и сл.

Дијагноза

Се базира на анамнестичките податоци од пациентот и нормалниот невролошки наод помеѓу атаките.

Третман на мигренозната атака

Одмор во тивка, темна просторија. За време на мигренската атака лековите најдобро се ресорбираат доколку се дадени ректално, како назален спреј, ефервети или во форма на прав. Одржување на стабилен ритам сон-будност и редовно земање храна, одбегнувајќи преципитирачки фактори (на пример алкохол). Разгледување на стилот на живеење на пациентот и ситуации кои се поврзани со работата: дали постојат фактори во текот на животните ситуации или на работното место кои може да ја подржуваат мигрената и дали е тоа возможно да се промени? Редовните физички вежби ја намалуваат инциденцијата на мигренозните атаки.
Во консултација со лекар и негова препорака во третманот на мигрената се употребуваат нестероидни антиинфламаторни лекови. Понекогаш, лекарот можно е да треба да комбинира неколку лекови со цел да се постигне посакуваниот ефект. Лековите за превенција индивидуално се продолжуваат. Понекогаш, неколку месеци се доволни, а понекогаш лековите се потребни со години.

Секогаш вреди да се комбинира фармаколошки со нефармаколошки третмани: вежби, физикална терапија, акупунктура, релаксација на телото со јога, пилатес и слично.

 

 

Д.К.

error: