МакедонијаФизичко Здравје

Интервју со доц. д-р Андреј Петров: И само половина до еден час на силно сонце е доволно да изгориме

изгореници од сонце

Би советувал да се користат проверени производи, без разлика дали се домашни или од странство и да не се експериментира со непознати работи. Денес на пазарот има и креми кои комбинирано штитат и против УВА и УВБ, но и против видливата светлина за која одредени истражувања покажаа дека со сите последици од промените во еколошкиот амбиент, исто така, може да предизвика одредени промени на кожата, вели д-р Петров.

Доц.д-р Андреј Петров, дерматовенеролог во Клиничката болница „Аџибадем Систина” во Скопје

Живеј Здраво: Д-р Петров, УВ индексот веќе е со вредност 9. Што значи тоа – За колку минути кожата може да изгори на директна изложеност на сонце и доколку сме без заштита?

Д-р Петров:  И половина час до еден час на силно сонце, е доволно за да изгориме! Македонија е земја со многу сонце и нашето население има и професионална изложеност на сонце, затоа треба навреме да се делува. Така наречената минимална еритемна доза која предизвикува црвенило е зависна од повеќе фактори, како дебелината на кожата, типот на кожа, тенот, силината на УВ зраците, должината на изложеноста, нарушувањето на атмосферата (озонските дупки), загадувањето. Ултравиолетовите зраци (УВ), според нивната бранова должина, може да се поделат во три групи: УВ-А (320-400 nm), УВ-Б ( 290-320 nm) и УВ-Ц (200-290 nm). Особено штетни се УВА зраците, но и УВБ спектарот има влијание. Солариумите се уште поголем проблем – вели доц. д-р Андреј Петров, дерматовенеролог во Клиничката болница „Аџибадем Систина” во Скопје.

Живеј Здраво: Колку за нашата кожа и за севкупното здравје е опасно неконтролираното сончање во најопасниот период од денот- од 10 до 16 часот, кога УВ зрачењето е најсилно? Што може да се случи, освен изгореници на кожата?

Д-р Петров: Изгорениците се акутен проблем, кој не е пријатен. Но тие се доведуваат и во врска со подоцнежен развој на меланом (рак на кожа). Постојат две различни заболувања за кои треба да бидеме свесни, а се подведуваат под формулацијата рак на кожа. Едно е меланомот (тој потекнува од пигментните клетки), кој е најчестата причина за смрт од кожните болести. Вториот тип на рак на кожа се карциномите кои потекнуваат од епителните клетки, кои не се толку животно загрозувачки, а кај кои хроничната (кумулативна), секојдневна изложеност на сонце е главниот ризик фактор. Колку таа е подолга, толку ризикот е поголем! Овие карциноми едноставно се лекуваат, за разлика од меланомот, но никако не смее да се остави да стојат со години, бидејќи, растејќи постепено го изгризуваат ткивото и може да доведат до деформации, а некои од нив и да се прошират и на други органи.

Живеј Здраво: За колку се зголемува опасноста од појава и развој на рак на кожа при незаштитена изложеност на штетните сончеви зраци?

Др Петров: Нездравото сончање ја оштетува кожата. Докажана е улогата на Сонцето во стареењето на кожата, но и во развојот на генските мутации кои ги предизвикува УВ зрачењето. Кожата ги губи својата еластичност и дехидрира, се менува структурата на колагенот, кој е еден вид потпирач на кожата. Особено, предвремето стареење на кожата е поврзано со засилена изложеност на сонце.
Мојот став е дека нездравото сончање треба да се избегнува. И дека, ако не потемниме премногу, тоа нема да ни се одрази премногу на убавината. Ама може да остави последици на здравјето. Солариумите се уште поголем проблем.

Живеј Здраво: Ќе се „сеќава„ ли нашата кожа и по 20 години, ако уште како дете сме изгореле поради сончање?

Д-р Петров: Кожата ја меморира целокупната “агресија” во текот на животот од сончевите зраци. Од обичните соларни флеки и други знаци на стареење, кои подоцна во животот ни пречат, па се до појава на тумори на кожата.
Децата имаат многу нежна и посветла кожа. Тие се најзагрозени и кај нив често се јавуваат изгореници од прекумерно, неконтролирано сончање. Изгорениците од сонце во детството се многу опасни и ризични, а со годините, ризикот се зголемува, посебно во понапредната возраст, кога и кожата ја губи својата еластичност, влажност и станува сува и поосетлива.

Живеј Здраво: Кои креми, млека, лосиони за сончање се најефикасни и со кој заштитен фактор?

Д-р Петров: Има голем број различни креми на пазарот за заштита од сонце. И медицински колекции но и козметика, различни брендови. Нагласувам две битни работи: прво – дека треба да се користи што е можно повисок заштитен фактор за сонце (30+ и повисок, а најдобро е 50+), и второ – да се употребуваат проверени производи на кои стои назнаката – дерматолошки тестирани. Ги има навистина, голем број домашни и странски. Трета, важна работа, е да бидат хипоалергени, да не прават алергиски реакции, а за кожа склона на акни да не бидат комедогени, да не ги затнуваат лојните жлезди и да предизвикуваат акни.
Препораките на Американската академија за дерматологија (ААД) се 30+ минимум заштитен фактор за секој ден! Мојата сугестија до вашите читатели е првите денови на плажа и 50+ фактор за заштита од сонце е добар избор. Може да се хемиски соединенија, кои се блокатори на УВА и УВБ што е вообичаено во Европа, но и физичката блокада 50+ заштитни фактори со цинк оксид се повеќе од добар избор. (вообичаено во Америка)

Живеј Здраво: Но дали тоа значи дека можеме да ги нанесуваме овие заштитни креми и по цел ден да останеме на плажа мислејќи дека сме потполно заштитени?

Д-р Петров: Заштитни фактори за сонце се неопходни. Но освен тоа, мора да се користи и соодветна облека, капа (најдобро тн сомбреро со широка стреа), но и природна заштита со користење на сенки. А на плажа по цел ден директно изложени на сонце е во најмала рака – неисплатливо. Освен стареењето на кожата, e и ризикот од карциногенеза, a може да се добие и сончаница, па одморот да ни преседне и да мора да го поминеме во соба!
Но дури и ако се мачкаме постојано со крема со фактор за заштита не е препорачливо по цел ден да останеме на сонце. Ризикот е голем, а користа многу помала во споредба со умереното сончање. Мала дигресија со една шега. Секогаш се сеќавам на зборовите на еден руски турист, кога, како тазе студент бев на одмор во Анталија во Турција, кој, гледајќи не како се пржиме на сонцето ми кажа- “Господине, човек ако е белец, поцрн од ова што сте вие сега не може да биде. Зошто се мачите без потреба?“

Живеј Здраво: И кој е најдобриот рецепт – сепак да имаме потемен тен, а да не изгориме?

Др Петров: Креми за заштита треба да се користат. Колку пати во денот да се мачкаме со заштитен фактор? Во секој случај – неколку пати. Не е доволно само еднаш наутро да се нанесе, особено кога сме цел ден на сонце и во вода. За децата тоа е многу важно поради чувствителноста на нивната кожа. Неколку пати намачкајте ги во текот на денот. Нема тоа да одземе многу од времето. И избегнувајте директно сонце кога тоа најсилно пече – од 12-16 часот, што, исто така, е добра превенција за сите овие работи кои ги зборуваме, но и за други заболувања. Сенката е благодет во летниот период и соодветна облека – капче и очила за сонце задолжително. Најдобар пример дека превенцијата не е глупост, туку паметна работа, е намалувањето на инциденцата на меланом во Австралија во последните години. Австралија има голем проблем со оваа болест и е лидер во инциденцата на меланом во светот. Но податоците од последните години покажуваат дека мерките кои ги преземаат докторите и здравствените власти, во соработка со населението, вродуваат со плод, и бројот на случаи кои годишно се регистрираат со овој опасен рак опаѓа.

Живеј Здраво: Да потсетиме, д-р Петров, и за што е здраво и препорачливо сончањето?

Д-р Петров: Сонцето е сепак, убава работа. Не е попусто што најубавите земји имаат многу сонце. Но, што би рекле повозрасните – Со усул да се изложуваме. Во дерматологијата сонцето делува поволно кај псоријаза, одредени екцемни реакции, може да подобри и акни на лицето. Постепеното изложување се практикува и кај витилиго. Но, сонцето влијае и генерално на здравјето и тоа на синтезата на одредени витамини, на коскениот систем, како и на психологијата на личноста, на чувството на среќа. Така да, секако, не треба да го избегнуваме во целост, но мора да се едуцираме како да се заштитиме од штетните дејства на ултравиолетовото зрачење.

Две третини од популацијата користат заштитни креми за сончање, но 4 од 10 од нив покажале несоодветна ефикасност!

Живеј Здраво: Кои се најновите сознанија за ефикасноста на кремите за сончање?

Д-р Петров: 2/3 од популацијата користат заштита од сонце, покажуваат најновите студии. Но она што е фрапантно е што 4 од 10 од употребуваните кремови со заштитен фактор покажале несоодветна ефикасност во однос на нивната заштита од сонце декларирана на производот! Би советувал да се користат проверени производи, без разлика дали се домашни или од странство. Моја препорака е да не се експериментира со непознати работи. Денес на пазарот има и креми кои комбинирано штитат и против УВА и УВБ, но и против видливата светлина за која одредени истражувања покажаа дека со сите последици од промените во еколошкиот амбиент исто така може да предизвика одредени промени на кожата – нагласува д-р Петров.

Би можело да ве интересира и: Кога треба да почнете да користите крема за сончање, и колку често треба да се нанесува?

error: