Физичко Здравје

Икање: Кога е нормално а кога е опасно по здравјето?

Икањето преставува повторувано, неволно стегање на дијафрагмата што доведува до нагло навлегување на воздух во белите дробови и затворање на глотисот, дел од гркланот во кој се наоѓаат гласните жици, при што се создава особен звук.

Самиот звук често предизвикува смеа меѓу присутните, но икањето знае да биде непријатна и иритирачка појава, особено кога се повторува подолго време.

Не постои начин за икањето да се предвиди. Повеќето од случаите започнуваат и завршуваат ненадејно и нагло, без некоја посебна причина. Епизодите генерално траат само неколку минути, но икањето може да биде и непрестајно и да трае повеќе од 48 часа, па дури и со месеци.

Кои се најчестите причини за икање?

  • Промена на температурата во стомакот – пиење на ладен пијалак веднаш по топол пијалак
  • Консумирање алкохол во големи количини
  • Силно смеење
  • Пребрзо јадење или прејадување
  • Силни емоции како страв, вознемиреност, радост или еуфорија
  • Консумирање на газирани пијалаци
  • лута или зачинета храна
  • проголтување воздух за време на џвакање мастика

Како да си помогнете додека икате?

  • Вдишете и задржете го воздухот во вас што подолго. Длабоко вдишете и бавно избројте до 10 пред да издишете. Повторете 3-4 пати.
  • Напијте се ладна вода. Брзо испијте 10 мали голтки ладна вода, или пак, направете гаргара со ладна вода.
  • Ставете лажичка шеќер под јазикот и пуштете полека да се растопува. Можете да го проголтате шеќерот на суво или со чаша вода.
  • Ставете ќесе од хартија околу устата и вдишете длабоко и брзо 10 пати. Држете го ќесето цврсто притиснато до лицето за да не пропушта воздух.
  • Со помош на стапчиња за чистење уши скокоткајте ја точката каде што се спојуваат тврдото и мекото непце.
  • Загризете парче лимон или напијте се мала голтка оцет. Киселкавиот вкус помага за ослободување од икавицата.
  • Ако пак ги затнете ушите или ставите прст на жилите зад увото и пиете низ цевка, резултатот ќе биде уште подобар.

Во 1988 год во една од книгите на Др. Francis Fesmire е напишано дека доживувањето на оргазам е еден од начините да го спречите икањето.

Според Гинисовата книга за рекорди, човекот кој имал најдолго икање е Charles Osborne кој икал цели 69 години, а починал на својата 96 година од живеење.

Икањето кое што трае повеќе од 48 часа може да биде резултат на неколку фактори кои што генерално можат да се групираат во следните категории:

Оштетување на нервите или иритација

Најчестата причина за долготрајното икање е оштетувањето или иритацијата на вагус нервите или френичните нерви кои што се поврзани со дијафрагмата. Факторите кои што можат да предизвикаат оштетување или иритација на овие нерви вклучуваат:

– Влакно во увото или нешто друго што го допира ушното тапанче
– Суво грло или ларингитис
– Тумор, циста или струма на вратот
– Гастроезофагеален рефлукс

Нарушувања на централниот нервен систем

Тумор или инфекција на централниот нервен систем или пак ошетување на централниот нервен систем како резултат на некоја траума може да предизвика пореметување на контролата на телото во однос на рефлексот за икање. Примерите вклучуваат: мозочен удар, мултипла склероза, тумори, менингитис, енцефалитис, трауматска повреда на мозокот.

Метаболички пореметувања и лекови

– Алкохолизам
– Анестезија
– Барбитурати
– Дијабетес
– Електролитен дисбаланс
– Откажување на бубрезите
– Стероиди
– Транквилизери

Колку икањето е опасно ?

Долготрајното и непрестајно икање може да биде многу непријатно, па дури и опасно по здравјето. Долготрајното икање може да доведе до нагони за повраќање на пример. Доколку продолженото икање се остави нелекувано, може да дојде до нарушување на спиењето и исхраната, што доведува до:

  • Несоница
  • Премореност
  • Неухранетост
  • Губење на тежината
  • Дехидратација

Вашиот лекар најдобро може да ја утврди тежината на икањето и сериозноста во однос на целокупното здравје. За секоја промена на вашата здравствена состојба обратете се кај вашиот лекар. Се што е навремено откриено е половина здравје.

 

 

Д.К.

error: