Физичко Здравје

ГЛАВОБОЛКИ – Типови, Причини и Лекување

Главоболката може да биде константна и навистина измачувачка, и може да се влошува со текот на времето, или не. Но, една работа е сигурна – кога имате главоболка, неможете да се сконцентрирате на ништо друго. Колку повеќе знаете за секој тип на главоболка, и што ја предизвикува, полесно ќе можете да се справите со неа.

Тензична главоболка

Најчест тип на главоболка – главоболка предизвикана од мускулна контракција или од стрес. Болката ги зафаќа обично двете страни на главата, и имате чувство како нешто да Ви ја затега главата или нешто Ве притиска во лицето, главата, вратот. Може да се јави и хиперсензитивност на светлина и звук.

Причини за тензичните главоболки:

Физичко оптеретување на главата и мускулите на вратот – долготрајно седење пред компјутер или држење на телефонот на уво, потпомогнато со рамото – може да предизвикаат ваков притисок. Стресот, интензивна работа, пропуштање на оброци, депресија, анксиозност, недоволен сон – сите овие причини може да влијаат на мускулите на вратот, лицето, скалпот, вилицата.

Третман на тензичните главоболки:

Ако некоја друга здравствена состојба, како артрит, забоболка, sleep apnea, ги предизвикува главоболките, лекарот прво ќе ги третира тие состојби. Ако тој начин на лекување не помага, или ако немате други здравствени проблеми, може да Ви препорача лекови аналгетици – acetaminophen или ibuprofen. Туширање со топла вода, топли облоги на вратот, исто така може да помогнат. Обидете се со медитација или други техники за релаксација, кои ќе Ви помогнат да се ослободите од стресот.

Мигренозни главоболки

Мачна болка која се интензивира, типично на едната страна од главата. Може да биде многу интензивна, а зборувањето или движењето може да ја влошат уште повеќе. Може да имате гадење, пречувствителност на светлина, бучава, мириси. Промената на желбите за храна или промена во мокрењето може да се јават ден пред да добиете мигрена. Некои лица имаат ‘аура’, пред, за време, или после мигренозниот напад, кои може да се манифстираат како светлински флеш-ови, брановидни линии или темни кругови.

Причини за мигренозните главоболки:

Постојат различни теории зашто некои луѓе патат од мигрена, а други не, но генетиката и опкружувањето имаат најголемо влијание. Тригер факторите за мигренозни главоболки може да се разликуваат кај секоја личност, но, хормонските промени, стресот, проблеми со спиењето, многу јаки мириси, никотинот, пропуштање на оброци, анксиозност, трепкачки светла, се најчестите предизвикувачи. Исто така, одредена храна и пијалоци може да предизвикаат мигрена: вино, стари сирења, зачинета храна, феферонки, салами.

Лекување на мигрената:

Најдобро е да одмарате во тивка, темна просторија, со затворени очи и со ладна облога на челото. Пијте многу течности, особено ако повраќате. Лекарот може да Ви препише терапија, за превенирање на мигренозните напади или за ублажување на симптомите. Водете дневник за тоа што сте јаделе или какви активности сте имале пред да добиете мигренозен напад, за да може да откриете кои се тригер факторите за предизвикување на истите.

Прочитајте повеќе за: Како да ја препознаете мигрената?

Кластер главоболки

Овие главоболки доаѓаат неочекувано и се многу болни. Се јавуваат на едната страна од главата, често како болка позади окото. Обично се појавуваат во исто време на денот, неколу недели по ред. Болката се влошува по 5 до 10 минути откако ќе започне, а трае до 3 часа. Носот и очите може да се зацрвенат, па дури и да отечат, од истата страна на која е болката. Исто така, може да се манифестира хиперсензитивност на светлина, звуци, мирис, може да се јави аура, како кај мигрената, и да имате гадење пред појава на болката.

Причини за кластер главоболки:

Бидејќи најчесто се јавуваат навечер, некои лекари претпоставуваат дека причината може да биде нерегулирано спиење. Алкохолот – особено црвеното вино – како и цигарите, исто така може да бидат тригер фактори. Шансите да имате вакви главоболки се поголеми ако во Вашето семејство веќе некој ги има, или пак, сте имале некоја претходна повреда на главата. Почесто се јавуваат на пролет и во есен, па понекогаш се случува да се постави погрешна дијагноза, дека се работи за алергија.

Лекување на кластер главоболки:

Лекарот може да Ви препорача терапија со вдишување на чист кислород, за да се намали протокот на крв до мозокот. Истражувачите не се сосема сигурни зошто, но, извесни студии покажуваат дека ова им помага на повеќето лица со кластер главоболка. Лекарот може да Ви препише терапија со триптан лекови – кои се користат и за третман на мигрена – кои делуваат вазоконстрикторно и ја намалуваат болката. Во посериозни состојби, се дава превентивна терапија со verapamil.

Синусни главоболки

Повеќето лица кои мислат дека имаат синусна главоболка, всушност имаат мигрена. И кај двата типа на главоболка, чувствувате болка во лицето, назална конгестија, насолзени очи, но, кај синусната инфекција, која доведува до синусни главоболки, има и леплив, жолтеникав секрет, веројатно и треска, проблем со чувствување на мириси. Овие симптоми ги нема кај мигрената.

Лекување на синусните главоболки:

Инфекцијата на синусите, обично се повлекува за една недела или помалку, а со тоа треба да престане и главоболката. Ако трае подолго, можеби станува збор за бактериска инфекција, а во тој случај е потребна терапија со антибиотици. Пожелно е и чистење на синусите со физиолошки раствор, а понекогаш и кортикостероиди за да го намалат воспалението.

Секундарни главоболки

Овие се предизвикани од некоја болест или состојба која влијае на Вашиот мозок. На пример, синусната главоболка, бидејќи е предизвикана од инфекција. Други состојби кои може да предизвикаат главоболки се: потрес на мозок, болести на крвните садови, тумор на мозок и епилептични напади.

Лекување на секундарни главоболки:

Лекарот треба да направи потребни претраги за да открие која е причината што ги предизвикува главоболките. Кога ќе почне да се решава примарниот проблем, и главоболките ќе почнат да се намалуваат.

М.Д.

 

error: