Физичко Здравје

БРУКСИЗАМ – ЧКРИПЕЊЕ СО ЗАБИТЕ

Дали шкрипите со забите кога сте нервозни, напнати или додека спиете?

Бруксизам, или стегање на вилицата и чкрипење со забите во сон, е вид на парафункција која се одвива на потсвесно ниво, кога повисоката контрола на свеста е неактивна.

Спијачот-бруксист, доколку тоа никој не му го каже, не знае дека во текот на сонот несвесно чкрипи со забите и ја стиска вилицата, сè додека штетното дејство на бруксизмот не се манифестира со замор на мускулите по будење и болка.

Причини за појавата на бруксизам

  • дневен стрес (проблеми на работа и во семејството) и чувство на неуспех
  • скриена лутина
  • консумирање на алкохол и кофеин
  • пушење
  • проблеми со синусите и спиењето
  • лоша подреденост на забите на горната и долната вилица
  • недоволно внесување магнезиум
  • недостаток на заб

Во студија која што е извршена од страна на Пауел и Зендер, на 1965 испитаници, покажано е дека ,,нормалните“ луѓе во текот на 8 часовен сон остваруваат околу 250 контакти на забите, додека луѓето кои страдаат од бруксизам остваруваат 1200-12000.

Бруксизмот ги зафаќа 6-8% од возрасните и 15-20% од децата;

Симптоми

  • Болка во вилицата
  • Зголемени мускули на вилицата
  • Главоболка
  • Болка во ушите
  • Истенчена глеќ на забите
  • Чувствителност на забите на топло и ладно
  • Поткршени заби
  • Рамна џвакална површина на забите

ДИЈАГНОЗА

Се зема анамнеза, пациентот детално се распрашува, тој вообичаено се жали на болки во зглобовите и во увото, главоболка, осетливост на забите на топло и ладно. Најдобро е анамнезата да се земе од родителот или сопатникот кој е сведок на оваа состојба.

Стоматологот на преглед воочува абразија т.е. губење на забната супстанца, предвремени контакти, во полоши случаи дури и промени на потпорниот апарат на забите.

ТЕРАПИЈА И СОВЕТ

  • Терапијата е главно симптомаска и најчесто се изработуваат силиконски калапи (night guard), ноќни чувари кои можат да бидат во различна дебелина, во зависност од потребата. Се изработуваат индивидуално по мерка и се носат навечер, за да се спречи контактот на забите и губењето на забната супстанца.
  • Се прави состругување на предвремените контакти, а кога има голема загуба на забната супстанца се врши девитализација на забот и изработка на порцелански коронки.
  • Стресот е најчест причинител на бруксизмот. Направете нешто да се опуштите, топла бања, прошетка во природа, убав разговор со пријателите, медитација, спорт. Избегнувајте кофеин, никотин и алкохол во доцните часови.
  • Практикувајте вежби  на виличниот зглоб и масажи на лицевата мускултура.
  • Ставајте топли облоги на лицето. Потопете крпа со топла вода и ставете ја на двете страни на лицето во областа на вилицата. Така ќе ги опуштите мускулите на вилицата.
  • За опуштање може да се користат витамини од Б групата и магнезиум.
  • Понекогаш во потешките случаи се воведува и медикаментозна терапија, лекови од групата на миорелаксатори и антидепресиви.

Д.К

error: