МакедонијаМентално Здравје

УЧЕСТВУВАЈ, ПРИКЛУЧИ СЕ, СПОДЕЛИ: Помогнете ЗАЕДНО да ја подобриме иднината на стотици деца во Македонија – Иницијатива за изградба на Центар за Аутизам

По сите разговори со родители, истражувачи, и луѓе со аутизам, крајниот заклучок е еден – разновидноста на аутизмот никако не може да се поедностави.  Реалноста е дека под зборот аутизам се крие еден цел нов свет. За некои, аутизмот може да изгледа како подарок, додека за други тоа го прави живеењето тешко и неподносливо. Затоа мора да научиме да ја гледаме секоја приказна како поединечна. Користење на аутизмот во контекст на нарушување, болест, може да е навредливо за оние кои сметаат дека аутистичната природа е фундаментален дел од она што се. Но, тоа не значи дека не им е потребна помош. Мора да се напомене дека во светот во кој доминираат “невротипичните”, секој кој е поразличен се соочува со предизвици.

Ситуацијата во Македонија, кога се во прашање лицата со аутизам и сродни состојби, не е ни приближно до сјајна. Родителите најчесто сами се борат со оваа состојба. Покрај институциите кои не прават скоро ништо за да го олеснат животот на децата и родителите кои се борат со оваа состојба, и општеството е тоа кое има уште многу за учење.

Но, и покрај незаинтересираноста и никаквата поддршка од државата, здружението Сплотени срца кое со години упорно води битка за обезбедување установа со која ќе им се обезбедат на децата соодветни услови за раст и развој, успеале да направат проект за Центар за рехабилитација со поддршка на европските фондови кој би се изградил во Штип. Местото каде што моментално престојуваат децата е навистина разочарувачко.

Тие дошле до креативна идеја да започнат кампања која вклучува продажба на маици со логото на „United By Heart“.

Целта на оваа кампања е да се обезбедат финансиски средства за овие дечиња да имаат пристојно место каде би престојувале, и модерен центар за рехабилитирање со цел да ја добијат грижата и негата која им е навистина потребна. Со ова на децата ќе им се отворат повеќе можности, и тие ќе имаат поголеми шанси за вработување и успех понатаму во животот. Проектираната идеја за тоа како би изгледал центарот доколку се соберат финансиските средства, можете да ја погледнете во видеото подолу.

Иднината на овие деца зависи од нас. Затоа, вклучете се и Вие во кампањата, и помогнете им на оние на кои што навистина им е потребно.

К.М.

error: