Македонија

Според УНИЦЕФ, Македонија е втора земја во Европа по смртност на новороденчиња

Најновиот извештај на УНИЦЕФ покажува дека 1 од 120 новороденчиња починува до 28 дена од раѓањето. Тоа ја става Македонија на 105-то место од вкупно 184 земји во светот. Во Европа сме втори по смртност, веднаш по Молдавија.

Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија истакнува дека во Македонија има одлични доктори, но треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства кои ги има во повеќето здравствени установи ширум Европа, и стручните лица мора да имаат капацитет истите да ги применат.

„Преднаталната грижа е суштинска, секоја бремена жена треба да има 4 посети и прегледи. Треба да се подобри работата на болниците и да се има пристап до неонатална и интензивна нега во случај на ризична бременост.“ – изјави тој.

Во Македонија скоро 25% од жените пушат за време на бременост, а тоа го зголемува ризикот од негативни исходи поврзани со бременоста, како што е неонаталната смрт, и предвремено породување.

„Стапката на смртност кај новороденчињата е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем, туку и на развиеноста, сиромаштијата и социјалната благосостојба, стапките на заболувања и квалитетот на животната средина во земјите“, смета УНИЦЕФ, кој денеска ја започна светската кампања „За секое дете, ЖИВОТ“.

error: