МакедонијаФизичко Здравје

Интервју со м-р д-р Весна Трајкова: Не пливајте со отворени рани на кожата – Зголемен бројот на пациенти со целулитис

целулитис

При секој вид на езерски, речен или морски туризам многу е важно да не се влегува во вода со отворена рана, како и со активни кожни инфекции (габични, екцеми, атописки дерматитис), вели м-р д-р Весна Трајкова, дерматовенеролог во ГОБ “8.септември“ во Скопје

ЖивејЗдраво:  Што е целулитис и има ли зголемен број пациенти со ова заболување во Градската општа болница „8 Септември“ во овие неколку недели?

 Д-р Трајкова: Во лето, а особено во овие неколку недели, е зголемен бројот на пациенти со целулитис. Повеќе клинички студии,  но и нашата секојдневна, долгогодишна пракса, покажуваат дека климатските промени, особено летниот и топол период, се ризик фактор за појава на целулитис – честа инфекција на кожата и мекото ткиво, во својата дефиниција го вклучува и еризипелот, познат меѓу народот како “црвен ветер“. Клиничката слика се манифестира со црвенило, оток и топлина на било кој дел од телото (но најчесто на подколеници, дланки, лице), а се развива како резултат на влез на бактерија на местото на предходна нарушена кожна бариера или микролезија. Најчести причинители се бета хемолитични стрептококи, бактериите од група А Streptococcus Streptococcus Pyogenes, S. Aureus, а поретко грам негативни бацили.

Стафилококниот и стрептококниот тип на бактерии особено се размножуваат во топла и влажна средина, а покачувањето на температурите, носењето на летна облека, отворени сандали, води до зголемена изложеност на кожата до трауми, микролезии и инфекции на кожата – објаснува д-р Весна Трајкова, дерматовенеролог во Градската општа болница “8 септември“ во Скопје.

 ЖивејЗдраво: Како некој може да се зарази со оваа инфекција? На 42-годишна пациентка од Скопје и била извршена лапароскопска операција еден месец пред таа да се разболи од целулитис. Дали хируршките интервенции носат зголемен ризик за појава и на ова заболување? 

 Д-р Трајкова: Постојат повеќе начини пациентот да се зарази со бактериски инфект. Најчесто од оваа болест страдаат пациенти над 50 годишна вораст, а предиспонирани се оние со дијабетес, зголемена телесна тежина и пациенти со намален имунитет (инфицирани со ХИВ). Но во принцип, не постојат возрасни граници и секоја индивидуа, на која било  возраст, може да биде инфинцирана (од најмала возраст до било кое возрасно доба)

Најчести фактори за развој на целулитис се: нарушена бариера на кожата после траума (како што се гребнатинки, убодни рани, рани како последица на нарушена венска и артериска циркулација), дијабетични стопала, декубитуси, како и убоди од инсекти, отоци како последица на венска инсуфициенција, срцева слабост, лимфна дренажа после операција. Ризик фактор се и убоди од инјектирање на лек во организмот. Често, влез за инфекција можат да бидат екземи, габични инфекции (особено помеѓу прстите на стопалата), а со зголемен ризик се и пациенти со атописки дерматитис. Или пак, инфекцијата може да се појави на претходни постоечки инфекции на кожата како тинеа педис, импетиго, варичела.

ЖивејЗдраво: На што  треба да внимаваме за да не дојде до појава и развој на целулитис?

 Д-р Трајкова: Како што веќе споменав, летото и годишните одмори носат до зголемен ризик на појава на целулитис, а мерките што треба да се преземаат се: редовна хигиена и преврски на нарушената кожна бариера (убод, екзема, атописки дерматитис) или на отворената рана. Редовно аплицирање на емолиенти (креми и масти за нега на кожата) за зацврстување на кожната бариера). Се препорачува и заштита на дланките и стопалата преку носење на соодветни ракавици и обувки.

При секој тип на повреда постои ризик да се развие целулитисот

ЖивејЗдраво: Во ек се годишните одмори, кои најчесто ги поминуваме покрај море, езеро или река, На што треба особено да внимаваме кога се капеме, за да не се инфицираме со целулитис, кој може да се добие и по некоја повреда во вода?

 Д-р Трајкова: При секој вид на езерски, речен или морски туризам многу е важно да не се влегува во вода со отворена рана, како и со активни кожни инфекции (габични, екцеми, атописки дерматитис). При секој тип на повреда – без разлика дали таа се случила во секојдневието или како повреда во вода, постои ризик да се развие целулитисот како инфекција.

ЖивејЗдраво: Што треба да е аларм –  појава на кои симптоми, за пациентот веднаш да се јави на лекар во случај на сомнеж за целулитис ? 

 Д-р Трајкова: Многу е важно рано да се идентификува и лекува целулитисот како инфективна кожна болест, бидејќи симптомите можат да се шират брзо низ телото. Потребно е да се побара лекарска помош доколу пациентот забележи црвенило, оток, локална температура, понекогаш меури на одреден дел од телото, болка на местото на промените, и особено ако симптомите се проследени со зголемена телесна температура.

Може и фатално да заврши, во ризик дијабетичари и лица  со зголемена телесна тежина

ЖивејЗдраво: Дали доколку не се лекува, оваа инфекција може и фатално да заврши?  

Д-р Трајкова: Доколку не се лекува, целулитисот може фатално да заврши, особено кај дијабетичари, пациенти со покачена телесна тежина, пациенти со намален имунитет (инфицирани со ХИВ), а последица може да бидат ендокардитис, бактеремија, остеомиелитис, метастатска инфекција, сепса, токсичен шок синдром. Но доколу пациентите навремено ја препознаат инфекцијата и се јават веднаш на лекар,  истата успешно се лекува со антибиотици од широк спектар, без компликации.

error: