МакедонијаМентално Здравје

Интервју со Бојана Стојменовиќ, психолог: Депресијата и анксиозните растројства ќе прераснат во втор здравствен проблем, веднаш по кардиоваскуларните болести

Дури 300 милиони лица во светот се соочуваат со депресија, а едно од пет возрасни лица страда од некоја ментална болест.

Бојана Стојменовиќ, психолог во Советувалиштето „Мој психолог“ во Скопје.

Живеј Здраво: Секој 4 пациент е за на психијатар  – овие бројки ја отсликуваа состојбата од пред неколку години. Со какви податоци го одбележуваме годинешниот Светски Ден на менталното здравје  – 10 Октомври ?

– Депресијата и анксиозните растројства последниве години се се‘  почест проблем со кој што се соочуваат луѓето, а во светски рамки, имаат тенденција да прераснат  во проблем број два, веднаш по кардиоваскуларните болести. Дури 300 милиони лица во светот се соочуваат со депресија, а едно од пет возрасни страда од некоја ментална болест.  Кај нас нема статистичка евиденција во однос на ова прашање, а тука и постои генерален проблем – секое четврто лице и не посетува психолог или психијатар. Причините можат да бидат индивидуални и да варираат, но најчесто посетата на стручно лице се одложува поради:   срам, осуда, неинформираност итн. Не би можела да ви кажам бројка која што генерално би ја отсликала ситуацијата кај нас во однос на оваа проблематика. 

Живеј Здраво: Зошто нашите граѓани не се срамат да одат на лекар кога ги боли глава, ‘рбетот, стомакот, а се плашат да посетат психолог или, уште пострашно,  психијатар?

– Напротив, нашите граѓани последните неколку години успешно се борат со тој срам. Најчесто кога разговарам неформално со луѓето давам метафори кои би го одблокирале нивниот негативен став. На пример, кога не боли заб- одиме на стоматолог, ако имаме проблем со срцето- одиме на кардиолог, а кога станува збор за нашето ментално здравје – тука сме ние психолозите и психијатрите.  Можеби пред десеттина години тој срам и страв беа поизразени, но сметам дека денес јас и моите колеги психолози сме се‘ почесто присутни и активни во нашето професионално поле со јавни предавања, работилници и обуки. Со толку голема посветеност и упорност неизбежна е промената и успехот.

Кога нешто невообичаено се случува подолго време, да се побара помош од психолог

Живеј Здраво: Застрашуваат бројките на лица кои страдаат од анксиозност, депресија и други психички состојби и нарушувања, кои  во светот веќе се пред епидемиски размери – и до 300 милиони лица, а и во нашите психијатриски болници и амбуланти, за жал,  се бара кревет повеќе и термин за преглед. Колку е важно навреме да се препознае и лекува некое психичко нарушување токму за да не западнеме во многу потешка психичка здравствена состојба?

– Колку што е важно навреме да се детектира некој кардиолошки проблем, исто толку е важно да се детектира некој психолошки проблем. Секако, потребно е на време да за забележат првите знаци или симптоми и да се консултираме со стручно лице. Сите ние доволно се познаваме себе си, односно си ја познаваме сопствената хомеостаза. Кога нешто ја нарушува, можеме да препознаеме дека нешто невообичаено се случува. Доколку тоа трае подолго време, препорачливо е да се побара помош/ совет од психолог или психијатар.

Живеј Здраво: За кои проблеми младите, но и  повозрасните, најчесто тропаат на врата на вашето психолошко советувалиште? На кои психички состојби најмногу се жалат и што најчесто ги мачи – љубовни проблеми, проблеми со учењето, неразбирање од родителите?

– Изминатиов период интензивно работам со анксиозноста и анксиозните нарушувања и паничните напади. Исто така и со родителите од аспект на советување во однос на давање на правилна насока при воспитниот процес и однос со детето.  Генерално ,и личен предизвик ми е да работам со овие две проблематики, иако луѓето кои тропнале на вратата на моето советувалиште имале различни проблеми. Најважно ми е тие оттука да излезат задоволни и подготвени за промена.

Комуникацијата преку екраните никогаш нема да го замени личниот контакт

Живеј Здраво: Колку средствата за Интернет-комуникација, Фејсбук, Твитер,  влијаат на нашето ментално здравје? Светот стана глобално село, но колку навистина недостига на пријателката или колегата во живо да им се пожалиме од сопругот, љубовникот или, пак, шефот на работното место?

– Дефинитивно се согласувам со вас дека технологијата го измени нашето функционирање и комуницирање. Луѓето станаа отуѓени едни од други, притоа чувствувајќи се почесто осаменост и незадоволство. Комуникацијата преку екраните, иако е напредна, и тоа го прави на многу високо ниво, никогаш нема да ја замени важноста и топлината на човековиот личен контакт.

Живеј Здраво: Психолошката поддршка од стручни лица (психолози, психијатри, невропсихијатри). несомнено, е многу важна во процесот на (из)лекувањето на психичките заболувања. Решението на нашиот психички проблем не треба да се состои само во голтањето апчиња, туку и од патот за кој психологот и психијатарот ќе не обучат дека мора да го поминеме за да стасаме до целта – подобро ментално здравје.  Како да се овозможи секој пациент да стаса до психолошка поддршка во услови кога на прсти се бројат психолозите во јавното здравство, а голем број од пациентите немаат пари приватно да си платат за психотерапија?

– Постои овој негативен став во однос на психолозите и психијатрите кои што работат приватно дека е тоа премногу скапо и, најверојатно, тоа финансиски не би можеле да си го обезбедат. Но кога станува збор за нашето ментално здравје кое е главен сегмент од нашата благосостојба и квалитет на животот, сметам дека тоа е непроценливо.

Родителите и професорите – единствените одговорни за случката во училиштето во Аеродром

Живеј Здраво:  Ваш коментар за случката во училиштето во Аеродром каде соученичка беше фрлена од прозорец на училница при што се повредила, а тоа беше оценето како игра?!  Заборавија ли младите да играат вистински игри со кои ние повозрасните израснавме, па привлекуваат внимание со вакви „игри“?

– По немилиот настан во училиштето во Аеродром, сметам дека целата ситуација премина во – „кој прв почна“ или, пак, „кој е виновникот“. Вината во ни еден случај не ја префрлам и не би требала да биде наметната кај децата. Единствените одговорни во овој случај и во случаите слични на овој се само возрасните лица кои што би требало да бидат одговорни за нивниот раст и развој, а тоа се родителите и воспитно образовниот кадар. Времето се менува и не можеме да очекуваме дека децата ќе си играат на истиот начин на кој и ние си игравме. Но затоа, нивниот развоен процес треба да биде следен од возрасните, за навреме да  може да се детектира некое несакано поведение.

Интервјуто е во сопственост на zivejzdravo.mk и смее да се преземе само до 30% со ставање активен хиперлинк.

Следете нѐ на фејсбук ↓

error: