ИсхранаФизичко Здравје

Кронова болест – неколку совети за исхраната

Кроновата болест обично се јавува кај помлади луѓе, на возраст од 15 – 35 години. Како можни причинители се јавуваат генетскиот фактор и стресот, кои доведуваат до погрешен одговор на имуниот систем кон храната и останато, или автоимуна болест. Тоа е хронична болест, која го зафаќа најчесто завршетокот на тенките црева, но, може да се локализира на целиот дигестивен тракт, од усната шуплина до завршетокот на дебелото црево.

Симптоми на болеста

Симптомите на Кронова болест зависат од тоа кој дел на дигестивниот систем е зафатен, како и кои други органи се оштетени под влијание на болеста. За разлика од улцерозниот колит, каде воспалението го зафаќа површинскиот дел на внатрешноста на дебелото црево, Кроновата болест ја зафаќа целата површина, затоа може да биде афектиран било кој дел од цревата, желудникот, хранопроводникот и усната шуплина.

Главните симптоми на болеста се чести течни столици со неодредени болки во стомакот. Можна е и опстипација, до која доаѓа поради неможноста да столицата помине низ цревото поради оток на ткивото.

Пушењето е голем ризик фактор и има негативно влијание на Кроновата болест.

Подетално за симптомите на болеста прочитајте на: Кронова болест – како да делувате за да ги намалите компликациите

На што треба да се внимава во исхраната?

Другите симптоми на Кроновата болест се покачена телесна температура, болки во зглобовите и дијареја. Ако дијареата е хронична, може да доведе до дехидратација на организмот. Ако не се внесува доволна количина на течност, може да дојде до пореметување на работата на бубрезите.

За надокнадување на течностите и електролитите треба да се пие минерална, а не газирана вода, билни чаеви, незасладени (нане, камилица, мајчина душица, кантарион, ајдучка трева, ѓумбир, босилок..) Течностите треба да се пијат полека, на голтки, а не нагло и одеднаш.

Честа појава е и губење на апетитот и општ замор. Бидејќи се губат хранливите состојки поради честите течни столици, поради неможноста храната да се искористи и абсорбира, болните ја губат енергијата, и често се јавува потхранетост.  Децата болни од Кронова болест заостануваат во развојот. Тие деца се психолошки многу ранливи, особено ако поради болеста не можат да се дружат со своите врсници.

Во исхраната на болните со Кронова болест треба да се форсира употребата на намирници богати со:

  • цинк (риба, цели зрна житарици, спанаќ, сончоглед, печурки..),
  • магнезиум (темнозелен листест зеленчук, туна, риба, овошен сок од јагоди, јаткасти плодови..),
  • калциум (магдонос, бадем, овчо сирење, сусам, киноа..),
  • витамин Б12 (туна, јајца, зелен листест зеленчук…),
  • железо ( месо од живина, риба, компир, суво овошје…),
  • калиум ( немасно месо, цереалии, семки од сончоглед, смокви, морски плодови…)

Исхраната е многу важна, но, со неа, не се делува на болеста, туку само се коригира дефицитот. Секој пациент е посебен, и на секој треба да му се прилагоди исхраната, посебно што и самите можат да препознаат дали од некој тип на храна имаат тегоби.

Кои намирници делуваат негативно на Кроновата болест?

Оние кои имаат скратување на цревата, не треба да консумираат блитва и друга храна богата со целулоза. Голем број од болните, поради воспалението, имаат дефицит од ензими важни за разградувањето на одредени групи на намирници, кои им предзивикуваат дијареа.

Типови на храна кои најчесто ги потенцираат симптомите на Кроновата болест се:

  • зелка,
  • прокељ,
  • карфиол,
  • брокула,

затоа што сите содржат висок процент на целулоза, која прави надуеност на цревата и тешко се варат. Потоа:

  • пченица,
  • млеко,
  • квасец,
  • пченка,
  • агруми,
  • домат…

Внесувањето на голема количина на шеќери исто така се поврзува со Кроновата болест.

Препораки за дозволени намирници

Лебот треба да биде интегрален, без квасец.

Дозволени се меко варени јајца или кајгана, два до три пати неделно за доручек.

Месо од живина (мисиркино, пилешко), варено или печено, многу лесно се вари и богато е со лесни протеини, па се препорачува во исхраната.

Интегрален, басмати, или црвен ориз, може да се комбинира со риба или дозволен зеленчук, на растојание од 15 часа. Оризовата вода може да служи како лек во случај на дехидратација на организмот, поради честите проливи.

Да се избегнува луто и јаки зачини (кари, бибер, лута пиперка, рен…)

Од млечни производи може млади немасни сирења, кисело млеко, несолен путер.

Од масла се користат нерафинирани и ладно цедени (маслиново, ленено, сончогледово..).

Масти од животинско потекло не се препорачуваат (мајонез, сланина, свинска маст, кобасици и месни преработки полни со маснотии).

error: