ЗдравјеИсхрана

Како да ја надминете пребирливоста на храна? Еве што велат истражувачите

пребирање храна

Знаете како изгледа тврдоглаво дете кое не сака да проба брокула? Сигурно и дел од Вас, возрасните, ќе се пронајдете во оваа слика, да не сакате да пробате нов тип на храна, која изгледа или мириса поразлично од стандардната на која сте навикнати.

Во истражување спроведено на околу 500 испитаници – пребирливи возрасни, резултатите покажале дека горчливите и киселите вкусови се особено непопуларни. Понатаму, течната или лизгава храна. Зеленчукот е исто така неомилен. А повеќето не сакаат кога храната е мешана од повеќе видови (на пример, грашок и морков), па дури ни кога се допираат во чинијата.

Повеќето од испитаниците сакале да јадат помфрит, сирење на скара, тост, крекери, генерално немале проблем со солената и благата храна.

Пребирливите деца обично стануваат пребирливи возрасни

Во повеќето случаи, тие деца растеле покрај родители кои постојано им вршеле притисок околу храната и секој оброк бил стресен за нив. Можеби и да имале негативно искуство, на пример, гушење од некоја храна.

Страв од оброк

Пребирливите лица се анксиозни кога е време за оброк, особено ако е некоја друштвена пригода. Кога тие се поканети на вечера во ресторан, тие се загрижени дека нема да има ништо за јадење од она што тие го јадат. Често се чувствуваат засрамени поради нивните пребирливи навики за јадење и се чувствуваат под закана кога ги притискате да пробаат некоја храна.

Како да ги надминете овие препреки?

Најдете мотивација која ќе Ве води низ процесот – можеби вашите навики за јадење предизвикуваат тензија во вашата врска, или пак сакате на децата да им бидете добар пример за правилна исхрана? Истражувањата покажуваат дека размислувањата за влијанието на вашето однесување кон другите луѓе, може да биде појдовна точка за промени во вашите навики.

Не постои универзален модел за надминување на пребирливоста, ниту пак постојат доволно истражувања на возрасни лица. Но, можете да ги примените советите што им ги даваат на родителите кои имаат пребирливи деца: прескокнете ги грицките и соковите помеѓу оброците, за да бидете доволно изгладнети до следниот главен оброк.

Започнете по малку и едно по едно

Пробајте нова храна кога сте сами, или со некого кој го знае Вашиот проблем и Ве поддржува.

Не присилувајте се да пробате сè одеднаш. Во чинијата со храна која веќе ја јадете, додадете само еден нов тип на храна, и тоа само неколку залаци. Особено ако е тоа некоја храна која многу ја сакате, така ќе Ви биде помалку невообичаена.

Згответе ја храната на поинаков начин. На пример, ако не Ви се допаѓаат сирови моркови, пробајте да ги зготвите на пареа, или да ги испржите или испечете. Зеленчукот на скара може да биде многу посладок и повкусен од сировиот.

Не се откажувајте на првиот залак. Може само да го изџвакате, без да го проголтате. Гледајте како другите готват, па и Вие земете учество во готвењето.

Кога е време да побарате лекарска помош?

Ако навистина се борите со пробување на нови видови на храна, а особено ако не јадете воопшто здрава храна, побарајте помош. Лекарот ќе Ве насочи како правилно да џвакате и голтате, и како да го смалите отпорот.

Селективно нарушување во исхраната е ментално нарушување (AFRID – avoidant restrictive food intake disorder), при што лицата ја избегнуваат храната до таа мерка што не примаат доволно нутриенти, се соочуваат со драстично намалување на телесната тежина, дефицит на витамини и други здравствени проблеми.

На следниот линк прочитајте Што треба да знаете за пестицидите и производите

 

 

М.Д.

error: